Македонија со драстичен пад од 37 места на листата на Форбс за водење бизнис во споредба со 2014 година. Ако оваа година сме рангирани на 68 позиција во 2014 година бевме рангирани на 31. место.
Македонија е рангирана на 68. место на листата на Форбс за водење бизнис, која е составена врз основа на 15 фактори, вклучувајќи имотни права, даноци, технологија, ниво на корупција, слобода, бирократија, големина на пазарот”, квалитет на живот и работна сила.
„Од својата независност во 1991 година, Македонија постигна напредок во либерализацијата на економијата и подобрување на деловното опкружување. Нејзините ниски даночни стапки и слободни економски зони помогнаа да се привлечат странски инвестиции, но тоа е се уште на ниско ниво во однос на остатокот од Европа. Корупцијата и слабото владеење на правото остануваат значителни проблеми. Некои фирми се жалат на нетранспарентни прописи и нееднакво спроведување на законот. Македонската економија е тесно поврзана со Европа како клиент за извоз и извор на инвестиции и трпи последици како резултат на пролонгираната слабост во еврозоната“, се наведува во појаснувањето на Форбс.
„Невработеноста и натаму е висока со околу 23 отсто, но можно е да е преценета поради постоењето голема сива економија, која се проценува дека изнесува меѓу 20 и 45 отсто од БДП, што не е забележано во официјалната статистика. Македонија работи на изградба на нафтовод и дистрибутивна мрежа низ целата земја. Во моментов, Македонија ги добива своите мали количини природен гас од Русија преку Бугарија“, истакнува Форбс.
Но според американскиот економски магазин „Форбс” Македонија во 2014 година беше на 31 место од 146 држави во светот за најдобри земји за бизнис.
Во 2014 година Македонија најдобри резултати постигнала во бирократските процедури, за што беше рангирана на трето место, во монетарна слобода се наоѓаше на шесто место, а во заштитата на инвеститорите беше ставена на 21 место. Во однос на даночното оптоварување Македонија беше рангирана на седмата позиција, пазарни перформанси на 17 место, трговска слобода на 41 место, додека за технологија на 61 место.