Владата да не избрзува со покачување на данокот зашто таквото ат хок решение може да биде погубно, особено за ИКТ индустријата, апелира МАСИТ.
Треба да се разговара, но и да се земат предвид примерите од земјите кои имаат рамен данок со што се стимулира т.н. бела економија, наспроти црната, односно се поттикнува регуларно плаќање на давачките.
Според МАСИТ, евентуалното воведување на 18 отсто данок за секој приход над илјада евра како што предвидува Министерството за финансии, ќе значи притисок врз ИКТ секторот и дополнителен одлив на кадар.
– Ат хок покачувањето на данокот нема да помогне многу, ниту претставува долгорочно решение, дури може и негативно да влијае, особено на нашата индустрија. Треба да разговараме, да се слушне нашиот став и да најдеме решение компаративно со другите земји околу и во светот, изјави претседателот на Управниот одбор на МАСИТ Горан Поповски пред редовното Годишно собрание на кое МАСИТ одбележа 18 години постоење.
Поповски нагласи дека Комората има повеќе предлози, а едниот од нив е МАСИТ да се изземе од генералните одредби и закони зашто е специфична индустрија која генерира додадена вредност преку нови технологии, технолошки развој и раст на извозот.
– Не смееме да ја притиснеме ИКТ индустријата зашто и онака е евидентен одливот на кадри. Многу им е лесно да најдат работа и да заминат од тука, рече Поповски.
И извршниот директор на МАСИТ Анита Никова предупреди дека треба многу да се внимава со покачувањето на даноците.
– Да не дојдеме во ситуација да се вратиме во оние времиња кога се наоѓаше поевтин начин како да се платат давачките. Сега скоро нема фирма од ИКТ секторот која плаќа дополнителни средства на рака, потенцира Никова.
Апел на МАСИТ е Владата да покаже дополнителен слух и подготвеност за соработка.
Сугестија на Комората е и Македонија да престане да се продава како земја со евтина работна сила, туку да се обиде да промовира и пласира сопствени производи.
МИА