Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и најновите макроекономски проекции на Народната банка. По усвојувањето на Извештајот, гувернерката ги претстави макроекономските проекции на средбата со новинарите.
Презентираниот извештај го пренесуваме во продолжение:
Со руската инвазија врз Украина и санкциите кон Русија, се влошија веќе нарушените глобални синџири на снабдување, енергетската криза и пазарите на примарни производи, предизвикувајќи ценовни притисоци и голема неизвесност за глобалните економски изгледи. Пандемијата и понатаму е важен фактор за економските и за инфлациските изгледи. Со оглед на продолжените ценовни притисоци под влијание на подолготрајниот и посилен раст на увозните цени, со што се забрзува инфлацијата, се создаваат одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и се менуваат инфлациските очекувања, Народната банка по направената измена кај инструментот задолжителна резерва, во два наврати ја зголеми основната каматна стапка за по 0,25 п.п. Притоа и натаму ги користи монетарните инструменти за оптимално управување со ликвидноста.
Тековните согледувања за растот на македонската економија се понеповолни во однос на октомвриските оценки. Имено, и оваа, и следната година, се очекува побавен раст на македонската економија отколку во 2021 година. Се очекува економски раст од 2,9% во 2022 година, по што ќе следи раст од 3,6% во 2023 година. И натаму се очекува позитивен, но поумерен придонес од домашната побарувачката, главно поради послабиот придонес од потрошувачката на домаќинствата, додека нето-извозот ќе има негативен придонес. На среден рок, се очекува задржување на солидниот економски раст, со реална стапка од 4% во 2024 година (во согласност со октомвриските оценки).
Најновите проекции упатуваат на просечна инфлација од 8,8% во 2022 година, при очекувања за постепена стабилизација до крајот на годината. Неизвесноста во однос на идните движења на цените е исклучително висока, но согласно со проекциите на меѓународните финансиски институции, се оценува дека притисоците постепено ќе се стабилизираат кон крајот на годината, така што веќе во следната година се очекува значително забавување на ценовниот раст. Следствено, за 2023 година, се очекува забавување на стапката на инфлација по што би се свела на 3%. На среден рок, се очекува инфлација од околу 2%, во просек, во согласност со октомвриските очекувања.
Во услови на ескалација на геополитичките тензии, нови нарушувања на синџирите на снабдување и натамошен раст на цените на примарните производи на светските берзи, оцените за надворешната позиција на економијата во рамките на овој циклус проекции се понеповолни. Среднорочната проекција на билансот на плаќања упатува на повисок дефицит во тековната сметка за периодот 2022 ‒ 2024 година, главно поради сѐ повисоките цени на сите примарни производи, особено од цените на енергентите. Во рамките на најновите проекции, за 2022 година се очекува продлабочување на дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања до 8% од БДП. Основен фактор за ваквите поместувања во тековната сметка се движењата во размената на стоки и услуги, конкретно влошувањето на трговскиот дефицит, со умерен придонес и на намалениот суфицит кај услугите. Согласно со очекувањата за нормализирање на состојбите во глобалната и во домашната економија во 2023 година, предвидено е дефицитот на тековната сметка да се стесни до 4,5% од БДП, согласно со проектираното стеснување на негативното салдо во размената на стоки и услуги. За 2024 година, се очекува дека дефицитот во тековната сметка дополнително ќе се намали и ќе се сведе на 2,3% од БДП, слично ниво како и во претпандемичниот период. Показателите за адекватноста на девизните резерви упатуваат на нивно задржување во сигурната зона во текот на целиот период на проекциите.
Во првиот квартал од годината, кредитната активност на банките имаше важна улога во поддршката на економијата, во услови на натамошен приспособлив карактер на монетарната политика и стабилен банкарски систем. Иако растот на кредитите забрза во првиот квартал од 2022 година, очекувањата за 2022 година се дека растот ќе продолжи до крајот на годината, но поумерено, во услови на нагласена неизвесност, забавен економски раст и поумерен раст на депозитната база. Притоа, за целата 2022 година кредитниот раст би изнесувал 7,7%. На среден рок се очекува солидна кредитна поддршка, па за периодот 2023 ‒ 2024 година би изнесувал 7,6%, во просек (непроменето во споредба со октомвриската проекција). Се очекува поумерен раст на депозитите за целиот период на проекцијата. Така, за 2022 година растот на депозитите ќе изнесува 5,0%, а во следниот период се очекува негово умерено забрзување со што би достигнал 7,5%, во просек, во периодот 2023 ‒ 2024 година.
Општо земено, најновите оцени за растот на македонската економија се понеповолни во однос на октомврискиот циклус проекции за оваа и за следната година, под влијание на војната во Украина и енергетската криза. Oцените се проследени со висока неизвесност, при што ризиците се надолни. Главен надолен извор на ризик во моментов претставува натамошната ескалација на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, воведувањето нови, построги санкции и евентуалното дополнително влошување на економските односи помеѓу Западот и Русија. Дополнителен фактор на ризик е и евентуалното посилно затегнување на монетарната политика во развиените земји, како одговор на зголемените инфлациски притисоци и инфлациските очекувања. Во исто време, и натаму постојат ризиците поврзани со понатамошниот тек на пандемијата и можноста за појава на нови, загрижувачки вирусни соеви. Народната банка постојано го следи развојот на настаните, како и потенцијалните ризици за домашната економија како од надворешното окружувањето, така и од домашните фактори, заради соодветна реакција преку приспособување на политиките и преземање други, дополнителни мерки, доколку е неопходно.