четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

НБРМ ја намали проекцијата за раст на македонската економија

НБРМ ја намали проекцијата за раст на македонската економија

Пад од 4,9 проценти на бруто домашниот производ за годинава, како и раст од 3,9 проценти во наредната година, предвидува Народната банка, со што направи надолна ревизија на пролетните проекции со кои за годинава прогнозираше пад од 3,5 проценти на БДП и закрепнување во наредната година со раст од 4,7 проценти.

– Правиме надолна ревизја на проекциите за развој на домашната економија во целиот период на проекции. Во 2020 проектираме пад на економската активност од 4,9 проценти наспроти пад од 3,5 проценти во април и априлскиот циклус на проекции во услови на послаби остварувања во првата половина од оваа година и оценки за поспоро закрепнување во втората половина, имајќи ги во предвид вториот бран на пандемијата. На среден рок предвидуваме постепено, но доумерено закрепнување на економската активност со стапки на раст од 3,9 проценти, 3,6 проценти и 4 проценти во 2021, 2022 и 2023 година соодветно. Оваа стапка на раст значи дека економијата би се вратила на преткризно ниво во текот на 2022 година, рече на денешната видео прес-конференција гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

За разлика од априлските проекции, како што појасни, најновиот циклус на макроекономски проекции претпоставува подолготрајни и продолжени ефекти од пандемијата на Ковид-19 и врз глобалната и врз домашната економија. Согласно со тековните оцени, последиците од кризата ќе се чувствуваат и во 2021 година, додека целосно закрепнување и надоместување на економските загуби се очекува во текот на 2022 година. Макроекономското сценарио и ризиците околу него во најголема мерка се условени од развојот на здравствената криза во глобални рамки, односно од справувањето со пандемијата и нејзините последици врз однесувањето и очекувањата на економските субјекти. Засега, имајќи предвид дека ковид-шокот е од неекономска природа, не се очекува тој да има позначителни ефекти врз долгорочниот потенцијал за економски раст.

Како што информираше Ангеловска-Бежоска, се очекува пад кај сите компоненти на БДП освен кај јавната потрошувачка. Најголем пад ќе има кај бруто инвевстициите од 13 проценти, личната потрошувака се проектира со пад од четири проценти, а извозот од 11,7 проценти.

Ангеловска-Бежоска соопшти дека се очекува инфлацијата на среден рок да се задржи на умерено ниво. За годинава се прави нагорна ревизија од нула на 1,1 процент, а за наредните две години се задржува на проекцијата од 1,1 проценти и два проценти.

Проекците на Владата со Предлог буџетот за 2021 година се економијата во 2021 година да забележи раст од 4,1 процент, во 2022 од 4,6 проценти, а во 2023 од 5,2 проценти.