Идејата на Новиот политички договор е да вклучи што повеќе сегменти во себе. Еве на пример во економијата, ние сметаме дека Македонија треба да биде земја со најниски даноци, затоа што ако даноците растат тоа не носи повеќе пари во буџетот, туку сива економија, бизнисот не може да издржи со високи даноци, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „Студио 10“ на Телевизија 24.
Николоски потенцираше дека идејата е на 8% да се намали и персоналниот данок и данокот на добивка за Македонија повторно да биде земја со најнизок данок, додека за младите и оние кои реинвестираат да биде нула проценти.
Според Николоски ова е едно од клучните прашања кои треба да бидат донесени со општ консензус, но не само од политичките партии туку и од експертите и јавноста и во иднина никој да не може тоа да го менува.
– Во однос на економската логика, 2006 Македонија имаше 40 отсто невработеност, но даночната реформа во 2007 ја преполови невработеноста. Клучот е Новиот договор кој ќе го понудиме на сите општествени структури, постојат неколку прашања во општеството за кои мора да има широк општествен консензус, не само од политичките партии туку и од поширока група на луѓе кои имаа свое влијание во општеството како МАНУ, универзитетите, јавноста, медиумите, интелектуалната маса, рече Николоски.
Тој додаде дека потребни се и реформи во реформи во полицијата, каде што кадрите би биле независни во работењето и би биле изолирани од влијанијата на политичарите, но и дека тоа треба да се реши консензуално.
– Мора да има јасен политички консензус помеѓу главните политички партии и останатите, не знам овдека можат да влезе и Факултетот за безбедност, и други чинители и да се каже дека ќе има професионални единици кои што ќе се занимаваат со тие работи. И кои што ќе бидат недопирливи за врвот условно кажано за МВР, ако сакате и нема да има можност било како да влијае било која политичка одлука врз нив и дека ќе бидат заштитени со дополнителни бенефиции, зголемување на плати и заштита на нивен идентитет, нагласи Николоски.