Заклучно со вчера, кога истече рокот, за субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од 1 декември се пријавиле 233 јавни основни и средни училишта од сите градови од вкупно 474-те на територијата на државата, 50 јавни претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води од вкупно 70-те, како и 235 субјекти, физички и правни лица, од областа на прехранбениот сектор.
Согласно одлуката на Владата компаниите кои вршат производство на основни прехранбени производи како масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месна и живинарска индустрија ќе добиваат субвенционирана електрична енергија преку „ЕСМ продажба“ по цена од 80 евра за мегават час, за основните и средните училишта субвенционираната цена ќе биде по 95 евра за мегават час исто како и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици.
-За оние кои ја искористија таа можност и се пријавија АД ЕСМ преку ЕСМ продажба од 1 декември ќе почне со снабдување на трите категории на потрошувачи опфатени со одлуката на Владата за субвенционирана струја. Субјектите кои не успеале да поднесат комплетни документи до вчера, во следниот период ќе можат да го сторат тоа и ќе бидат ставени на субвенционирано снабдување од 1 јануари идната година, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата.
Тој нагласи дека Владата останува посветена на поддршката на граѓаните и компаниите.