Од денеска стапува на сила забраната за пластични кеси. За граѓаните ќе бидат достапни само биоразградливи кеси за кои ќе се наплатува надомест од 15 денари, средства што ќе бидат наменети за специјалниот фонд за животна средина. Според Министерството за животна средина и просторно планирање, граѓаните лесно ќе се адаптираат на промената, што е од големо значење за животната средина.
– На долг рок оваа одлука ќе придонесе кон решавање на низа прашања во однос на животната средина, од причина што собраните средства ќе се користат за инвестирање во животната средина, бидејќи ќе одат на посебна сметка за таа намена. Тоа би значело инвестирање во иновативни, чисти технологии, во системот за управување со отпад, садови за селектирање, намалување на притисокот врз животната средина и слично, наведоа за МИА од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во однос на тоа каков фидбек очекуваат од граѓаните, од МЖСПП нагласија дека очекуваат промената да биде лесно прифатена.
– Да, очекуваме дека ќе биде прифатено. Се уште е живо колективното сеќавање кога пазеревме со торби на пазар. Сега има многу стимулативни алатки како што се вендинг машините и слично. Нашите сознанија се дека и луѓето се свесни дека тоа не е голем напор, само е добра навика, нагласија од МЖСПП.
Околу забраната за достапност на пластични кеси, Давор Пехчевски, проект-координатор во Еко-свест, за МИА изјави дека како организација ја поддржуваат одлуката да се преземат мерки за да се намали употребата на пластични кеси.
– Очекуваме со правилно спроведување таа да има позитивно влијание врз намалувањето на отпад од пластика и микропластика. Исто така, ова би требало да повлече и понатамошен развој на циркуларната економија и да стимулира селекција на отпад кога ќе се создаде инфраструктура за тоа. Сепак, ова е само првиот чекор во борбата со пластичното загадување, па очекуваме во блиска иднина да се пристапи и кон регулирање на другите производи од пластика за еднократна употреба, како цевки, чаши или прибор за јадење, нагласи Пехчевски.
Имено, како што соопштија од МЖСПП од денеска, 1 декември, стапува на сила обврската за наплата на кесите за носење стоки од новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување.
Со Законот се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Република Северна Македонија, се забранува пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во земјата, а по исклучок од ставот (1) на овој член, со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот во Република Северна Македонија биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки (чијшто дебелина е пониска од 15 микрони).
Надоместокот, како што информираа од МЖСПП, кој треба да го плаќаат крајните корисници за биоразградливите кеси за носење на стоки изнесува 15 денари за парче и истиот се плаќа на трговецот на местото на продажба.
– Целта на овој Закон е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба, а засновано врз принципот „загадувачот плаќа“, потенцираа од МЖСПП.
Од Министерството наведуваат дека производителите на пластични кеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост.
– Напоменуваме дека стандардите за биоразградливост беа воведени уште во претходниот Закон, а пропишани во 2013 година. Новиот правилник за стандардите за биоразградливост е донесен и се очекува неговото објавување во наредниот број на Службен весник на Република Северна Македонија. До неговото стапување на сила важи постојниот Правилник, посочија од МЖСПП.
Откако минатиот месец беше донесена одлуката за забрана за употреба на пластични кеси, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека идејата за цената на пластичните кеси е за да се намали употребата на пластиката.
– Фондот што ќе се создаде од овие 15 денари за секое купување на пластично кесе ќе отиде на посебен фонд којшто ќе се инвестира во животната средина, но и ќе се инвестира во совеста на граѓаните како да менаџираме со отпадот во нашата држава. Идејата е тој што загадува тој и да плати, и на тој начин производителите коишто ќе донесат производи во нашата држава треба да контрибуираат и во тоа, и со ова ќе се натера да придонесат за инфраструктурата со различни контејнери во нашата држава каде што ние како граѓани ќе ги селектираме отпадите и со ова ќе креираме систем којшто самите граѓани ќе го селектираат отпадот, појасни тогаш Нуредини.