Ова законско решение им предизвика главоболки на производителите на овие кеси. Велат дека со ваквата одлука тешко ќе го задржат бизнисот и вработените. Велат, со ваква цена потрошувачката драстично ќе се намали. Тоа ќе повлече намалување на обемот на работа, поради што ќе бидат принудени постепено да го затвораат бизнисот, а вработените да ги отпуштат.
-Тие што ги направија овие кеси да се продаваат по еден денар, имаат пад од 50 отсто на продажбата. Таму каде што беа по два денари падот на потрошувачката достигна и до 70 проценти, а што ќе се случи со 15 денари за кеса. Не ги купуваат досега затоа што се наплаќаат и тоа ситно, а не сега кога ќе бидат 15 денари. Ќе се соочиме со затворање на бизнисите, вели за „Денар“ Зулкарни Јусуфи, производител на кеси.
Вели дека единствено нешто за што се избориле е тоа што окси биоразградливите кеси ќе може да се употребуваат уште една година. Нема да мора целосно да бидат биоразградливи. Со ова има мало олеснување зошто производителите на кеси нема да мора да набавуваат суровини од надвор за да ја произведат.
-Уште еден проблем, пак, со кој се соочуваме е и тоа што има трговци кои увезуваат подебели торби и тие не се биоразградливи. И сега тие ќе ги продаваат по пониска цена, а нашите кеси ќе се продаваат по цена од 15 денари, додава Јусуфи.
Смета дека за да може да произведуваат биоразградливи кеси, потребни се од 5 до 7 години за да се подготват, да го прилагодат своето производство, своите машини.
Од друга страна, од Министертвото за животна средина велат дека овој закон не е нов и е поставен на ЕНЕР уште во 2018. година. Во законското решение се внесени сите европски регулативи. И на ова законско решение ќе мора да се прилагодат сите. Целта е да се намали употребата од пластика, а дел од парите кои ќе се соберат од продажбата, ќе одат во посебен фонд кој ќе се користи во инвестиции во животна средина и за инвестиции во свеста на граѓаните како да менаџираат со отпадот.
Инаку, со Законот се предвидува од први декември пластичните кеси да се наплаќаат по 15 денари, а се воведува и забраната за пуштање на пластични пакувања за еднократна употреба во угостителските објекти во заштитните подрачја на земјава.
Во земјава има 30-тина производители на пластични кеси. Оваа индустрија брои над 600 вработени. Најголем дел од фабриките се во Скопје, дел од нив работат и со децении, но има и млади бизниси во секторот.
Според информациите, над 65 отсто е зголемено производството на пластични кеси. Но производителите велат дека ваквата бројка е поголема не зашто е зголемено производството, туку зашто е подобрен процесот на фискализација.