среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Околу 900 вработени во УЈП ќе добијат повисоки плати за 30 отсто

Околу 900 вработени во УЈП ќе добијат повисоки плати за 30 отсто

Околу 900 вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) за неколку дена ќе добијат јулска плата повисока за 30 проценти откако е потпишан колективен договор меѓу синдикатот на Управата и нејзиното раководство со посредство на помирувач. Двете страни – синдикалниот лидер во УЈП, Васе Недановски, и директорката Сања Лукаревска, денеска на прес-конференција, на која соопштија за постигнатиот договор, си честитаа за успешниот исход од барањето за повисоки плати со кој е спречен генерален штрајк на вработените.

Лиценцираниот помирувач и арбитер во работни спорови Илија Манасиев истакна дека „испишале историја за подобра иднина на вработените во УЈП“ и дека се работи за еден од најголемите спорови од областа на работните односи решени по пат на помирување.

Претседателот на Синдикатот на УЈП „Солидарност“, Недановски, кој ги предводеше протестите за повисоки плати, изјави дека 30 отсто повисока плата ќе добијат околу 900 вработени, а со оглед на различни категории вработени во Управата, околу 160 нивни колеги веќе го оствариле тоа право согласно Законот за буџети.

-Сега ова право ќе го остварат преостанатиот број вработени. Претходните се околу 150-160 вработени, преостанатите се 900 и нешто, рече Недановски.

Посочи дека платите во УЈП не им биле зголемени 14 години и дека со покачувањето вработените ќе бидат помотивирани за уште попрофесионален пристап во извршување на работните задачи и, како што рече, за голем исчекор во квалитетот на услугите што Управата им ги дава на граѓаните и бизнис-секторот.

На прашањето дали согласно неодамна потпишаниот Општ колективен договор вработените во УЈП ќе добијат и дополнителни 10 отсто на платите од септември, одговори дека имаат право на се што им следува по закон.

-Ние се произнесовме од самиот почеток на овој процес дека сме за законито постапување. Колективните договори имаат сила на закон, се што ќе биде утврдено со закон и колективен договор ќе биде право, вклучително и на вработените во Управата за јавни приходи, одговори Недановски.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска се заблагодари за професионалниот однос во процесот на помирување и за истрајноста и нагласи дека покрај сатисфакцијата од зголемените плати, ќе имаат и обврска тоа да го оправдаат со повеќе резултати – со поуспешни даночни реформи, сузбивање на даночно затајување итн.

На прашањето колку ќе го чини буџетот ова зголемување од 30 отсто на платите на вработените во УЈП, таа одговори дека олеснителна околност е тоа што Управата има и сопствени средства што ги добива по различни основи како даночен орган.

Марина Јолеска од Секторот за финансиски прашања во УЈП информираше дека се направени анализи и пресметки и дека тие средства се веќе во буџетот на Управата за јавни приходи. Според пресметките, буџетот за покачување на платите месечно е 16,5 милиони денари.

-Значи се обезбедени, нема да има потреба од ребаланс или дополнително обезбедување парични средства за 2023-та. Буџетот што го имаме за 2023-та е доволен за да се исплатат до крај на годината платите на вработените во Управата. Дел од парите што се за плати се од буџетска сметка на Управата, а имаме и сопствени приходи така што во однос на надоместоци, регрес за годишен одмор, тоа може да исплаќаме од сопствени приходи затоа што имаме средствата на наша сметка, рече Јолеска.

Директорката Лукареска посочи и дека со измените и дополнувањата на Законот за јавни приходи, донесени пред некој месец, по функционалната анализа што ја направиле во делот на систематизација и организација, сите државни службеници ќе добијат статус на даночни службеници.

-Така што, и тука ќе се израмниме во тој дел и само помошно-техничкиот персонал ќе остане по некои други соодветни критериуми, рече директорката на УЈП.

Илија Манасиев кој ги помируваше синдикатот и раководството на Управата за јавни приходи на прес-конференцијата изрази задоволство од успехот од процесот со кој дошле до потпишување нов колективен договор.

-Заедно со работодавецот и заедно со синдикатот испишавме историја за подобра иднина на вработените во УЈП. Овој предмет ми беше голем предизвик зашто ова е еден од најголемите предмети во работните односи решени по пат на помирување, истакна Манасеив и им се заблагодари на двете страни за пристапот и тоа што во многу краток период составиле, како што рече, многу квалитетен одбор за процесот на помирување во кој немало застој.

Додаде дека за овој спор имало интерес и надвор од државата и многу меѓународни институции за труд и агенции за помирување будно го следеле процесот и дека тој е пример во пракса за други држави за спорови од овој вид.