петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Оштетените штедачи го потврдија Трифун Костовски: Трагата на парите води кон Струмица и СДСМ

Оштетените штедачи го потврдија Трифун Костовски: Трагата на парите води кон Струмица и СДСМ

Оштетените штедачи ја потврдија изјавата на Трифун Костовски кој минатиот месец кажа дека трагата на парите треба да се бара кај еден функционер на СДСМ.

Имено, прва на листата на должници во стечајната маса на Еуростандард банка е групација од поврзани фирми од Струмица, тврдат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка повикувајќи се на извештајот за стечајот на банката подготвен од стечајниот управник.

Од Здружението велат дека во портфолиото на поврзани друштва оваа групација има 9 фирми од кои банката има сомнителни и спорни побарувања, кредити кои воопшто не се исплаќани повеќе минати години.

– Оваа групација должи фантастични 8,25 милиони евра на банката во кредити кои се ултра ризични и во најголем дел ненаплатливи. Ова е само водечкиот пример, а вакви групации од поврзани фирми има повеќе. Организиран криминал од невидени размери – велат од Здружението.

Оттаму додаваат дека се во потрага по вистината и правдата и прашуваат кој се стои зад овие фирми и во кои џебови завршиле нивните пари од депозитите?

– Вистината мора да се открие, правдата мора да се задоволи. Ние не сме лопови, ние сме лојални граѓани на оваа земја, плаќаме даноци и придонесуваме за развој на економијата. Нашите пари се украдени на безкрупулозен начин, организирано и свесно. Државата не не заштитила и бараме државата да не обештети, а криминалците веднаш да ги смести таму каде им е местото и да им го заплени имотот – велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.