Во Собранието почна расправата по ребалансот на Буџетот за 2020 година, кој е втор годинава и со него треба да се овозможи спроведувањето на четвртиот пакет мерки за справување со последиците од кризата предизвикана од Ковид-19.
Расправата се одвива во собраниската Комисија за финансирање и буџет како матична комисија и согласно Деловникот за работа на Собранието, таа може да трае најмногу 10 работни дена.
Со предложениот ребаланс, приходите се пониски за 0,2 отсто во однос на првиот ребаланс, расходите се повисоки за 4,2 отсто, а дефицитот е зголемен за 22,6 отсто во однос на првиот ребаланс.
Вкупните приходи се планирани на ниво од 196,4 милијарди денари, расходите на 253 милијарди денари , а дефицитот е позициониран во износ од 56,6 милијарди денари, односно 8,4 отсто од БДП.
Потребните средства за реализација на четвриот пакет се обезбедени со реалокација на неискористените средства од сите институции.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во образложението на ребалансот пред пратениците истакна дека сите обврски ќе се реализираат согласно планираното, а со реализацијата на четвртиот сет мерки ќе се амортизира социо-економскиот удар од пандемијата, а следната година веќе се очекува заздравување на економијата со економски раст и постепена фискална консолидација.
– На глобално ниво постои голема неизвесност и соодветно на тоа неизвесни се и импликациите врз глобалната и врз македонската економија. Ова е историски предизвик не само кај нас, туку и во светот. Реагираме со соодветни мерки од социјален и економски аспект, рече Бесими, додавајќи дека пролонгирањето на кризата и зголемената неизвесност имплицираат влошени очекувања за економијата.
Ваквите очекувања се очекува да се одразат врз извозот, индустријата, угостителството, туризмот…, истакна Бесими.
Расправата за одвива согласно здравствените протоколи со носење заштитна маска и одржување на дистанца.