сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Потпишан договорот со ЕБОР: Сто милиони евра за побрза транзиција кон „зелената“ агенда

Потпишан договорот со ЕБОР: Сто милиони евра за побрза транзиција кон „зелената“ агенда

Заем од сто милиони евра обезбеди ЕБОР за АД ЕСМ, за поддршка во финансирањето на трошоците за унапредување на производниот процес, инвестиции во нови обновливи извори на енергија и одржување на веќе изградените централи од обновливи извори. Компанијата ќе ги користи парите и ќе ги сервисира сите обврски, а државата дава гаранција. Договорот беше потпишан во Министерството за финансии од страна на директорката на ЕБОР за Југоисточна Европа, Шарлот Руе и директорот на ЕСМ, Васко Стефанов.

Условите за користењето на заемот се – рок на отплата од пет години, грејс период од шест месеци, варијабилна каматна стапка на шестмесечен ЕУРИБОР со маргина од еден процент.

Како што истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими, Владата има сериозен пристап во справувањето со енергетската криза. Притоа, нагласи дека годинава за поддршка на граѓаните и на стопанството се предвидени 225 милиони евра, кон кои се додеваат и стоте милиони евра од ЕБОР.

Според директорот на ЕСМ, Васко Стефанов, АД ЕСМ продолжува да се движи кон „зеленото сценарио“.

„Планирани се повеќе проекти кои сериозно ќе влијаат земјава да биде енергетски независна. Поддршката и соработката со институции како ЕБОР се од клучно значење и ќе придонесат за побрза и полесна транзиција кон ‘зелената’ агенда, со заложба за транзиција кон чиста енергија која има цел намалување на стакленичките гасови за 61 процент“, наведе Стефанов.

Освен Договорот за заем, потпишан е и Договор за гаранција меѓу Република Северна Македонија и ЕБОР.