Капиталните инвестиции доживееја фијаско. Во официјалниот извештај на Министерството за финансии реализацијата на капиталните инвестиции за првите три месеци заклучно со месец Март е едвај 6 %. Експертската јавност коментира дека Владата на чело со СДСМ и Зоран Заев потфрлија многу во делот на економските политики и дека земјата ги доживува најтешките економски моменти.
Имено, Владата ветуваше дека оваа година ќе биде економска година со оглед на фактот дека 2018 година беше година на политички промени но според сите податоци економијата во Македонија е на дното во Европа и во Балканот.
Тенденцијата за катастрофална реализација на капиталните инвестиции ја следи оваа Влада уште од првата година од мандатот но тогаш изјавите на министерот за финансии Драган Тевдовски и на премиерот Зоран Заев беа дека лошата реализација е резултат на наталожените проблеми од претходната власт.
Според економистите 2018 година беше катастрофална во однос на капиталните инвестиции односно изнесуваше едвај 50 % и таа тенденција се прелеа и во 2019 година со што се потврдува дека економскиот тим на СДСМ воопшто нема визија во делот на економијата и подобрување на стандардот на живеење.
Во јавноста излегоа огромен број на критики од истакнати економисти и познавачи на економијата за незаинтересираноста на Владата да почне со суштински промени во економијата и да ги исполни ветувањата кои ги даваше пред да дојде на власт.
Владата лани ветуваше инвестициски и градежен бум но сите економски индикатори го покажуваат сосема спротивното со што голема е веројатноста дека проекциите за економски раст и оваа година ќе потфрлат во голема мера.