Дебатата во собраниската Комисија за одбрана и безбедност за кризна состојба во енергетиката, според најавите, треба да продолжи денеска. Тоа ќе биде трет ден расправа во матичната комисија, а по нејзиното завршување на пленарна седница ќе може да се гласа да продолжи уште половина година кризната состојба во оваа област, што е во сила со одлука на Владата од 1 септември.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и вчера порача дека се бара продолжување на кризната состојба во енергетиката за да се обезбеди доволна флексибилност и механизми за справување со кризата, а сите домашни капацитети се ставени во функција за поголемо производство.
Владата со соседните земји постигнува договори за гарантиран увоз на струја и енергенси, но тие би се користеле само ако се исцрпат домашните извори на енергија. Количините на јаглен кои Владата се обидува да ги обезбеди, оцени Битиќи, е за да се гарантира дека ќе нема никакво нарушување во производството на електричната енергија.
Според Битиќи, Владата е посветена на обезбедување доволно енергенси за претстојната зима и потсети дека државата со 80 отсто ја субвенционира цената на електричната енергија за сите корисници на регулираниот пазар.
Досега за субвенционираната цена на струја на регулираниот пазар Владата исплатила 240 милиони евра, односно 653.000 домаќинства и 70.000 приватни субјекти кои се на регулираниот пазар се обезбедени со субвенционирана цена на струјата, која 100 отсто е од домашно производство.
Енергетиката беше во фокус и на билетаралната средба во Њујорк на премиерот Димитар Ковачевски и на министерот за надворешни работи на Азербејџан. Тие, информираше владината прес-служба, разговарале за енергетската криза и можностите за соработка во делот на обезбедување енергенси и можноста за приклучување на гасоводната мрежа.
На состанокот е истакнато дека воените дејствија на Русија врз Украина се една од причините за енергетската криза во светот и оти ваквата состојба повеќе се чувствува во Европа, за што има сериозно зголемување на цената на природниот гас.
-Во разговорите беше истакнато дека Азербејџан придонесува во надминувањето на енергетската криза, преку развивање на постоечките гасоводи. На состанокот беше дискутирано и дека ЕУ се насочува кон сигурни снабдувачи на енергија, а Азербејџан е еден од нив, преку проширување на Јужниот гасен коридор со удвојување на испораките на гас од Азербејџан во ЕУ, информира владината прес-служба.
Со интерконекторот за гасно поврзување со Грција, рекол Ковачевски, Северна Македонија ќе се поврзе со трансјадранскиот гасовод и на тој начин гасот од Азербејџан ќе стигне и на нашиот пазар.
-За Владата на Република Северна Македонија, изградбата на национален гасоводен систем и неговото поврзување со регионалните гасоводни системи е приоритет, потенцираа од Владата.
Според вицепремиерот Битиќи, во период на криза како сегашната дури и влегувањето во рецесија не е најстрашното што може да се случи, а важно е да имаат ефект одлуките што ги носат сите чинители. На крај на годината, смета Битиќи, просечната годишна инфлација ќе биде 10 до 11 проценти, што потенцираше дека е доста добра стапка.
Владата завчера донесе одлука да се продолжи рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на мало и големо за следните три месеци, односно до крајот на годината. Со тоа е продолжена важноста на тековната одлука за таа намена, чија важност е до крајот на месецов.
Одлуката се носи заради потребата од ограничување на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, како и поради тоа што состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизирани.