Шестнаесет трговци не ја почитувале одлуката за посебни услови за трговијата според која лебот, маслото за јадење и брашното треба да се продаваат по набавна цена, а дел од останатите прехранбени производи по намалени маржи.
Директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска во изјава за МИА вели дека во петокот и саботата се извршени 162 инспекциски надзори, при што се изречени мерки против 33 трговци. Од нив, 16 трговци не ја почитувале одлуката, а кај 17 трговци на лице место не е најдена потребната евиденција во трговијата.
Во однос на информациите дека одредени маркети го ограничувале количеството на прехранбени производи што можат граѓаните да ги купат, Симеска-Димоска вели дека во саботата имаат констатирано такво нешто и дека е поднесен поднесок за нечесно пазарно однесување.
Од Пазарниот инспекторат најавуваат дека контролите продолжуваат и денеска.