четврток, 18. јануари 2024. Вести денес: 0
home Економија

Што крие Стратегијата за јавен долг 2022-2026: Нови дополнителни 2 милијарди евра јавен долг

Нови дополнителни 2 милијарди евра јавен долг на среден рок, односно долгот да достигне 9.000.000.000 евра, планира Владата во Стратегијата за јавен долг 2022-2026 година на Министерството за финансии.
Што крие Стратегијата за јавен долг 2022-2026: Нови дополнителни 2 милијарди евра јавен долг

Во следните години јавниот долг по глава на жител ќе се покачи за 1000 евра, односно секој граѓанин во Република Македонија ќе должи по 4.500 евра. Ова е дуплирање на јавниот долг кој го затекна оваа Влада во 2016 година.

За да ги соберат овие пари, Министерството за финансии покрај кредити, еврообврзници и аукции на државни хартии на вредност на домашниот пазар, планираат да издаваат и нови хартии за задолжување. Во Стратегијата се наведува дека Министерството планира да издава таканаречени „зелени обврзници“, а средствата кои ќе ги соберат преку нив ќе биле наменети за екологија. 

Исто така, Министерството за финансии планира во иднина покрај кај банките, фондовите и меѓународните финансиски институции, да се задолжува и кај македонските граѓани и фирми преку таканаречени „развојни обврзници“.

Согласно Стратегијата за јавен долг 2022-2026, Владата не планира да го намалува јавниот долг како номинален износ. Согласно графикон 2 од Стратегијата, истиот ќе расте секоја година по 500.000.000 евра и ќе достигне и задржи ниво од 9.000.000.000 евра.

Долгот може да расте и многу повеќе од 9 милијарди евра

Многу е веројатно долгот на среден рок може и да надмине 9 милијарди евра. Проекциите за номиналниот износ на јавниот долг на Министерството за финансии се правени врз основа на нивните проекции за буџетски дефицит.

Сепак, искуството покажа дека и покрај декларацијата на Министерството дека се залага за фискална консолидација, со ребалансите на буџетот и со секоја нова фискална стратегија, Министерството за финансии постојано го качува буџетскиот дефицит.

Така годинава со ребалансот на буџетот, првично планираниот буџетски дефицит беше покачен од 4,9% на 6,5% од БДП или за 184 милиони евра. Претходната година, дефицитот беше покачен од 2,3% на 8,5% или за 636 милиони евра. 

Исто така, проекциите за буџетски дефицит на среден рок се зголемуваат со секоја наредна Фискална стратегија. Со Фискалната стратегија 2020-2022, објавена во мај 2019 година, буџетскиот дефицит бил проектиран на 2,3% во 2020 година и по 2% од БДП во 2021 и 2022 година. Со Ревидираната фискална стратегија 2021-2023, објавена во декември 2020, проекциите за дефицитот се покачуваат на -4,9% за 2021, -3,8% за 2022 и понатаму се проектира дефицит од -3,2% за 2023 година, -2,8% во 2024 и -2% во 2025 година. Со последната, Фискална стратегија 2021-2024 (со изгледи до 2026), објавена во мај 2021 година, буџетскиот дефицит повторно се покачува и тоа на -4,3% за 2022, -3,5% за 2023, -2,9% за 2024, -2,5% во 2025 и -2,2% во 2026 година. 

Со оглед дека проекциите за длабочината на дупката помеѓу расходната и приходната страна на буџетот, со секој нов документ издаден од страна на Министерството за финансии се продлабочува, останува под знак прашање и проекцијата на јавниот долг. Повисокиот буџетски дефицит, носи и повисок јавен долг.

Kапацитетот на државата за враќање на долгови се намалува

Јавниот долг, покрај во номинален износ – кој ја одразува сумата за која планира Владата да се задолжи, расте и како процент од БДП – податок кој одразува колку државата е способна да ги враќа долговите. Според Мастришкиот критериум, јавниот долг не треба да надминува 60%.

Согласно Стратегијата за јавен долг 2022-2024 (со изгледи до 2026), Министерството за финансии проектира раст на долгот како процент на БДП на близу 64% во 2021 година, близу 65.9% во 2022, 65,2% во 2023, 62,5% во 2024 година, 60,1% во 2025 и 57,7% во 2026 година.

Сепак, ова е оптимистичко сценарио, кое Министерството го има правено врз претпоставка дека економијата ќе расте со стапки 4,1% во 2021, 4,6% во 2022 година, 5,2% во 2023 година, 5,6% во 2024, 5,9% во 2025 година и 5,7% во 2026 година, согласно Фискалната стратегија 2022-2026. 

Проекциите за раст на македонската економија од страна на Меѓународниот монетарен фонд, сепак, не соодвествуваат со оние на Министерството за финансии. Напротив, тие се доста пониски и се движат од 3,8% во 2021, 4% во 2022 до 3,5% во 2026 година.

Согласно ова, долгот како процент од БДП, при многу пониски остварувања на македонската економија, ќе биде мнпгу повисок од проектираните стапки на Министерството за финансии. Согласно остварувањата, истиот може да достигне стапки од 70 и 80 отсто од БДП.

Во рок од 5 месеци Финансии ги покачи проекциите за јавен долг

Дека долгот ќе расте неконтролирано брзо, свесно е и самото Министерство за финансии кое во рок од 5 месеци излезе со нова Стратегија за јавен долг, со повисоки проекции за јавниот долг на среден рок.

Така ако Министерството во декември 2020 година планирало дека јавниот долг годинава ќе изнесува 63,4%, со Стратегијата во мај планира тој да изнесува скоро 64%. Државниот долг пак годинава, иако првично планирал да достигне 53,2%, со новата Стратегија го корегира на 54,5% од БДП.

Корекции на јавниот долг има и во годините кои следуваат. Ако првично биле проектирани 64% во 2022 и 2023 година, сега со новата Стратегија се планираат 65,9% и 65,2%.

Како што ќе се реализираат помали стапки на раст на БДП, стапките на јавниот долг како процент на БДП ќе одат нагоре.     

Нови давачки за граѓаните и фирмите

Како што расте презадолженоста на земјата, така ќе се намалува капацитетот на економијата да ги сервисира своите долгови. Тоа ќе значи дека Владата ќе мора да ја зголеми приходната страна на буџетот преку воведување на нови давачки.

Владата веќе најави дека годинава ќе се воведе таканаречена „зелена“ или „еколошка“ такса за возилата во износ од 4 денари по литар гориво. Законот за новата такса беше доставен до Собранието, но сепак власта реши да го остави на чекање, додека не поминат локалните избори во октомври. Со оглед дека овие средства веќе се планирани во буџетот, можно е покачувањето по изборите да биде и повисоко од 4 денари по литар.

Министерот за финансии Бесими најави и зелени такси за фирмите, кои ќе почнат да функционираат од следната година. 

Исто така, преку зголемувањето на стапката на данокот на имот за поседување на дополнителен имот покрај живеалиште, се смета да се соберат дополнителни средства.

Како што најавија од Владата, се уште стои и опцијата за воведување на прогресивно оданочување, односно прогресивна стапка на персоналниот данок на доход, а исто така се зборуваше и за покачување на стапката на данокот на добивка.   

Во меѓувреме, граѓаните добиваат катастрофални јавни услуги – руинирани болници и училишта, дупки на патиштата и бирократија. Фирмите се оставени на цедило за време на пандемија и се принудени да отпуштаат работници, а истовремено се уриваат рекорди во затворени фирми.