Поранешниот министер за финансии и член на ВМРО-ДПМНЕ, проф. Трајко Славески, на новинарското прашање во емисијата Економски Магазин на АЛСАТ-М – дали при евентуално враќање на власт, би се залагал за укинување на прогресивниот данок, што го воведува актуeлната власт и враќање на досегашната политика на рамен данок, порача дека таквото нешто ќе се случи на првата седница ако на власт се врати ВМРО-ДПМНЕ.
-Земја на ниско ниво на развиеност како Република Македонија мора да има помали зафаќања. За да не се фокусира на прераспределбата, гледате оваа влада се зафати со прераспределбата. Јас го делам мислењето и на бизнис заедницата и на граѓаните на Република Македонија дека ние сеуште сме во фаза кога треба да ја зајакнеме македонската економија и да создадеме вредности. Кога ќе имаме што да делиме повеќе, како и во едно семејство кое што е сиромашно, а Република Македонија е релативно сиромашна, прво ги задоволуваат основните потреби. Рамниот данок се уште може добро да и служи на Република Македонија, рече Славески.
Трајко Славески, исто така потенцираше дека рамниот данок, кој што сега сака владата да го смени со прогресивен, всушнот своевремено ги зголемил буџетските приходи за 20 проценти и оти се уште може да биде корисен за македонската економија.
-Првата година по воведувањето на рамниот данок буџетските приходи кај нас доживеаја – бум. 20 проценти. Јас бев министер за финансии, не знаевме што да им правиме на парите. Тоа беше резултат на воведување на рамниот данок, зголемување на финансиската дисциплина и намалување на сивата економија“, рече Славески.