На 30 јуни 2022 година (четврток), со почеток во 14 часот, преку видеоконференциска врска ќе се одржи 43. сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка. На сесијата ќе биде презентиран трудот: „Проценка на дистрибуцијата на доход во Северна Македонија: Пристап базиран на претходно недостапни даночни податоци“ од Димитар Фуна, кој е добитник на Годишната награда на Народната банка. По презентaцијата на трудот, предвидена e дискусија.
Народната банка објави повик до сите истражувачи коишто се заинтересирани да учествуваат на сесијата на Клубот да се пријават на е-адресата: [email protected], најдоцна до 29 јуни 2022 година (среда).
Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научно-истражувачки трудови, особено од областа на монетарната политика и макроекономијата. Трудовите коишто се презентираат на сесиите на Клубот, треба да бидат изработени согласно со стандардите и трендовите на современото истражување, односно емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето.
На сесиите на Клубот може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд, кое е се уште во работна верзија. Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер.