Македонската економија ја очекуваат бројни прилагодувања во претстојниот период за создавање на клима на конкурентност и одржливост на животната средина. Во фокусот на институциите се очекува да биде справувањето со корозивниот и привлекување на конструктивниот капитал. Од друга страна, компаниите кои извезуваат на европските пазари ги очекува прилагодување со новите ЕУ регулативи меѓу кои и Механизмот за гранично јаглеродно прилагодување (Carbon Border Adjustment Mechanism), и подигнување на стандардите за производство доколку сакаат поголем успех и нивно вклучување во европските синџири на снабдување и производство. Ова се дел од заклучоците од анализите спроведени од Институтот за демократија, а поддржани од Центарот за меѓународно приватно претприемништво од Вашингтон, САД.
Институтот за демократија, во контекст на актуелните глобални економски случувања, предизвици и можности со кои се соочува и ќе се соочува Северна Македонија во иднина, поддржа работни групи составени од истакнати експерти од економската сфера, државната администрација и граѓанското општество кои изработија анализи за периодот и предизвиците кои следат. Во фокус на истражувањата беа усогласувањето на националната легислатива со ЕУ во делот на проверка на странските инвестиции, перспективите за поголемо вклучување на домашните компании во европските синџири на снабдување и производство, како и предизвиците со кои бизнис заедницата ќе мора да се соочи при спроведувањето на новите механизми на ЕУ како што е Механизмот за гранично јаглеродно прилагодување.
Еден од најважните аспекти кој беше опфатен со анализите е поврзан со т.н. корозивен капитал – кој што преставува финансирање, без разлика дали е државно или приватно, на кое му недостасува транспарентност и отчетност и кое наместо остварување економски бенефит, за цел има политичко влијание. Најчесто, но не ексклузивно, потекнува од авторитативни режими и ги искористува институционалните слабости и законските недоречености за да влијае на економските, политичките и/или социјалните случувања во земјата. На тој начин, корозивниот капитал доведува до ослабнување на владеењето на правото и институциите, како и засилување на олигархијата и корупцијата во државата. Како еден од начините на кои ќе се спречи влез на ваков капитал во земјите од Европската Унија е преку спроведување на Европска регулатива за следење на странските директни инвестиции. На долг рок, воведувањето на овој механизам ќе придонесе за креирање на здраво економско ткиво отпорно на влијанија во Унијата, но и во Македонија преку процесот на пристапување во ЕУ.
Покрај ова, во посебен извештај беше анализиран и предизвикот на приклучување на македонските компании кон интернационалните (европските) синџири на снабдување и производство. Анализата укажува на преземање на активности за подигнување на видливоста на домашните компании преку креирање национални дата бази на добавувачи, активно и навремено контактирање со странските компании, сертифицирање, обезбедување гаранции, унапредување на квалитетот и контролата на квалитет, како и вмрежување.
Конечно, анализирани беа и предизвиците кои ќе ги донесе новиот Механизам за гранично јаглеродно прилагодување во Европската Унија. Имено, овој механизам е новата реалност за сите компании кои извезуваат продукти со силен јаглероден отпечаток. Се очекува да е целосно функционален до 2026 година кога ќе се започне со финансиско обременување на компаниите по основ на јаглеродното влијание на продуктите, со цел да се стимулира еколошко прифатливо и одржливо производство. Во меѓувреме, од 2023 ќе се започне со систем на декларирање на јаглеродниот отпечаток на продуктите, а првично тангирани продукти ќе бидат: железото, челикот, ѓубривата, алуминиумот и производството на струја. Во Македонија, овој механизам ќе има најголемо влијание на индустријата на железо и челик, а како подготовка за неговото неминовно усвојување, македонските компании и релевантните институции ќе треба да преземат чекори кои ќе вклучуваат анализа на влијанието на спроведувањето на овој механизам врз локалната економија, методологија на мерење на јаглеродниот отпечаток и адаптација на националните регулативи во оваа област.
Овие анализи на Институтот за демократија ќе бидат промовирани во јавност на почетокот на октомври кога и ќе започне подетална консултација со бизнис заедницата и релевантните институции. Извештаите имаат за цел да послужат како цврста основа за градење стратегија за искористување на потенцијалите за економски развој и адресирање на клучните предизвици кои се очекуваат во наредниот период.