Покрај Џонсон Мети, и на други странски инвеститори од технолошко-индустриските развојни зони им истекуваат „привилегираните“ рокови и се очекува да започнат со плаќање на данокот на добивка, како и другите законски обврски кои што им следуваат истовремено со завршувањето на почетните договори за државна помош, анализира Фактор.
Џонсон Мети од Бунарџик е убедливо најдоходовен странски инвеститор во Македонија и еден од најголемите во Југоисточна Европа со чиста добивка од околу 100 милиони евра во 2017-та, но во блиска иднина има кандидати кои истовремено добро ја разработија својата дејност во Македонија и можат значително да ја полнат државната каса како што се Кемет електроникс, Дракслермаер и Кромберг и Шуберт.
Премиерот Зоран Заев веќе потврди дека во 2018-та произведувачот на катализатори за прв пат бил даночен обврзник.
– Една странска инвестиција, Џонсон Мети, која беше дого време поддржувана, повеќе не е поддржувана од државата и плаќа 30 милиони (евра) данок на добивка годишно, плаќа еден куп придонеси, данок на додадени вредности. Меѓутоа инвестицијата останува тука и сега ние ќе гледаме да биде профитабилна, да егзистира и понатаму, затоа што тоа е добро за Македонија, рече премиерот Зоран Заев во емисијата „24 Отворено“ неодамна.
Фискалниот расход на Џонсон Мети е една од причините за големата разлика во наплатата на данокот на добивка од страна на Управата за јавни приходи во текот на 2018-та во однос на една година претходно. Вкупната сума на данокот на добивка направи голема разика во вториот и третиот квартал, со дури 25 отсто повеќе собрани средства во однос на истиот период од 2017-та. Истовремено не е забележана многу поголема разлика во наплатата на персонаниот данок на доход, ДДВ и социјалните придонеси по првите три квартали од 2018-та споредбено со истиот период од 2017-та.