“Насоката во која ќе се движат монетарните политики на централните банки во претстојниот период е јасна. Но треба да се има предвид и дека динамиката на затегнувањето на основната камата зависи од спецификата на самата економија. Пред централните банки се поставуваат предизвици да дејствуваат во насока на справување со инфлацијата и закотвување на инфлациските очекувања, додека истовремено треба да внимаваат и на ограничување на негативните ефекти врз економијата и врз финансиската стабилност. Во време на висока неизвесност, шокови предизвикани од понудата и загрижувачки економски изгледи, се претпочита постепен пристап и носење на одлуки, засновани на податоци“. Ова го посочи во своето обраќање вицегувернерката Ана Митреска, на овогодинешниот „Ерсте инвеститорски појадок“ на банкарите и инвеститорите.
Митреска истакна дека централните банки се справуваат со специфични околности. Ценовните притисоци доаѓаат доминантно од страната на понудата, додека ризиците за економско закрепнување се сериозни. Сепак, инфлацијата трае подолго време и има се поширок опфат, што ги поттикна речиси сите централни банки да започнат со затегнување на монетарната политика.
Зборувајќи за нашата економија, Митреска посочи дека нестабилното опкружување и енергетската криза создадоа притисоци и врз инфлацијата но и на девизниот пазар. Во такви околности, од крајот на 2021 година, Народната банка почна со нормализирање на монетарната политика преку повлекување ликвидноста со девизни интервенции. Од април, нашата централна банка започна и со постепено зголемување на основната камата. Преку нагорни корекции во неколку наврати, основната камата е покачена кумулативно за 2,25 процентни поени. Затегнувањето на основната камата беше дополнето и со мерки за промени во системот на задолжителна резерва, во насока на поттикнување на денаризацијата, како и инвестиции во обновливи извори на енергија.
Во однос на финансиската стабилност, таа посочи дека истата е зачувана, и покрај неизвесноста која ја донесе кризата и ризиците за прелевање на проблемите од реалниот во финансискиот сектор. Банкарскиот сектор е стабилен, нефункционалните кредити се на ниско ниво и опаѓаат. Солвентноста, која е главен показател за способноста на банките да абсорбират шокови, останува и понатаму висока. Стрес-тестовите за 2022 и 2023 година ја потврдуваат севкупната отпорност на банкарскиот систем на макроекономски шокови. Сепак, потребна е претпазливост и будно следење на состојбите, велат од НБРМ.