„Витаминка“ денес потпиша договор за купопродажба на имотот на „Брилијант“ од Штип со Комерцијална Банка АД Скопје.
Во сопственост на „Витаминка“ АД Прилеп преминува недвижен имот, објекти од 4.956 метри квадратни и земјиште со право на сопственост од 21.592 метри квадратни, подвижни ствари како и пренос на права од индустриска сопственост (трговски марки и индустриски дизајн), сè во вкупна проценета вредност од 7.300.000 ЕУР во денарска противвредност.
Целта на инвестицијата е долгорочно обезбедување на суровинска база за производството и зацврстување на Друштвото како лидер во прехранбената индустрија во Македонија.
–Со денешниот потпишан договор започнуваме и конкретни чекори за реализирање на нашата деловна стратегија што ќе овозможи понатамошен долгорочен развој. Инвестицијата е во насока на модернизација и автоматизација на техничко- технолошките процеси, комплементарност и интегрирање во производството како и развој на нова група производи. Правиме еден голем чекор напред што ќе значи поголема и подобрена деловност на компанијата, максимално искористување на потенцијалите и зацврстување на позицијата на пазарот, велат од „Витаминка“.
Од Комерцијална банка, која се јавува во својство на продавач за значењето на договорот, велат: Задоволни сме што една од најдобрите македонски компании во прехранбената индустрија „Витаминка“ Ад Прилеп го презема деловниот потфат на фабриката за масло за јадење „Брилијант“ од Штип. Сметаме дека овој договор има пошироко значење за економијата и ќе претставува успешно искуство во промоцијата на домашното производство.