Капитални инвестиции нема, а Владата продолжува редовно да се задолжува на домашниот пазар. Министерството за финансии денеска одржа аукција на хартии од вредност со која повлече нови 1,9 милијарди денари односно нешто над 30 милиони евра.
Владата на почетокот на оваа година се задолжи со еврообврзница од половина милијарда евра за која само по основ на камати треба да се платат 96 милиони евра.
Истовремено расте и јавниот долг. Вкупниот јавен долг на Македонија на крајот на вториот квартал од 2018 година изнесува 48,8% од БДП, што претставува зголемување за 0,6 п.п. во однос на претходниот квартал, покажуваат најновите податоци на Народната банка.
Со забелешка за јавниот долг се произнесе и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во последниот извештај за фискална транспарентност. Оттаму велат дека јавниот долг се зголемува и без да има потреба од финансирање на буџетскиот дефицит, а тоа не е прецизно наведено во државните финансиски извештаи.
Во заклучоците стои дека Македонија вложила напори за подобрување на своите практики за фискална транспарентност и дека е постигнат напредок на тоа поле. Сепак Фондот дава низа препораки за зголемување на јасноста во планирањето и трошењето на јавните финансии.
„Разликите во клучните фискални агрегати помеѓу извештаите на државата и статистичките извештаи не се објаснети и ниеден извештај не објаснува како промената на државниот долг може да не се доведе во врска со буџетскиот дефицит, што е важно со оглед на тоа што во неколку години имало значајни промени во долгот што произлегоа од други фактори, а не само од потребите за финансирање на дефицитот, стои во извештајот на ММФ.