петок, 8. март 2024. Вести денес: 0
home Македонија

Гардијан: Проширувањето на ЕУ некогаш клинички мртво, сега е меѓу главните теми на лидерите

Гардијан: Проширувањето на ЕУ некогаш клинички мртво, сега е меѓу главните теми на лидерите

Проширувањето на ЕУ, што беше „клинички мртво“ пред руската инвазија на Украина, поради таа војна стана една од главните теми за лидерите на блокот од 27 земји, кои сега почнуваат да ги скицираат пресметките за случај на прием на нови членови, пишува денеска британски Гардијан.

Стивен Блокманс, директор за истражување во бриселскиот Центар за европски политички студии (ЦЕПС), вели дека дури по минатогодишниот руски напад врз Украина, владите ширум Европа почнале да прават основни пресметки за потенцијална реформа на ЕУ, што би вклучила прием на нови членови.

Блокманс истакнува дека пред инвазијата, некои набљудувачи тврдеа дека проширувањето е „клинички мртво“ и дека „вештачки се одржува во живот“ од самитите на ЕУ, но дека војната во Украина го промени тоа и дека сега „не само што е ставена повторно на дневен ред“, но дека тоа е „една од трите главни теми со кои се занимаваат лидерите“.

Во неодамнешниот извештај на ЦЕПС, Блокманс наведе дека Европската комисија допрва треба да ги претстави можните сценарија за буџетски и институционални реформи во проширената Унија.

„Ништо што наликува на опиплива, структурирана реформа на процесот на проширување се уште не е појавено“, наведе Блокманс.

Гардијан потсетува на минатогодишните зборови на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека земјите кои чекаат на ред за влез во ЕУ се „дел од европското семејство“ и дека Унијата „не е целосна без нив“, но додава дека лидерите сега, кога има шанси Украина да стане членка, прашуваат дали ЕУ е подготвена за проширување.

Какво влијание би имало проширувањето врз буџетот на ЕУ, кој веќе е под притисок, дали Полска, Грција или Унгарија би биле среќни да преминат од корисници на фондовите на ЕУ на донатори, дали Германија и Франција би биле подготвени да одвојат повеќе пари, некои од актуелните прашања .

Еден од сомнежите е бројот на пратеници во Европскиот парламент во случај на проширување, кој би можел да стане најголемиот парламент во светот.

Фактот дека секоја од 27-те земји-членки може да стави вето на приемот на една земја, ја прави внатрешната политика важен фактор во одлучувањето кој ќе влезе во ЕУ, а кој не. Доколку владата на која било земја-членка заклучи дека некое од наведените прашања нема да му угоди на нејзиниот електорат, тоа би можело да го блокира проширувањето, наведува британскиот весник.

Едно од отворените прашања е колку би се зголемил буџетот на ЕУ, кој моментално изнесува 186 милијарди евра, како и дали Германија, Франција и Италија, трите земји кои издвојуваат најмногу пари, ќе мора „подлабоко да посегнат во нивните џебови“ за поддршка на Украина.

Блокманс посочува дека „политички ќе биде тешко да се проголта“, но додава дека многу потенцијални корисници на средствата се на Балканот и сакаат да ја видат Русија „да се турка уште подалеку“, што може да ги надмине негативните аргументи поврзани со трошоците за проширувањето.

Со оглед на зголеменото значење на земјоделските заедници, една од главните задачи на официјалните лица во Брисел е да ги наведат можните реформи на заедничката земјоделска политика во случај Украина да стане членка.

Украина е еден од најголемите играчи на глобалниот пазар на жито и има повеќе обработена површина од Италија. Според податоците на Европската комисија, Украина пред војната имала удел од 10 отсто на пазарот на пченица, 15 отсто на пазарот на пченка и 13 отсто на пазарот на јачмен. Беше доминантен играч и на пазарот на сончогледово масло, со учество од 50 отсто.

Во сегашниот режим на ЕУ, Украина би била главниот корисник на заедничките пари во областа на земјоделството. Германската министерка за храна и земјоделство Силвија Бендер неодамна изјави дека системот на директни плаќања, кој е во сила денес, „дефинитивно повеќе нема да функционира“ доколку Украина стане членка и дека треба да се разгледа и ова прашање.

Неименуваниот, високо позициониран извор од Европската комисија на Гардијан предупредува дека ништо нема да се случи за да се забрза процесот на проширување додека не се појави „повеќе врева“ во ЕУ.

„Ништо нема да се случи додека нема максимален политички притисок. Зошто земјите-членки би се согласиле на проширување против статус кво“, праша извор од врвот на Европската комисија, објави Гардијан.