Околу 50 конзервативни пратеници кои се против планот за Брегзит на британската премиерка Тереза Меј, одржаа состанок за да разговараат како и кога можат да ја примораат премиерката да си замине од функцијата.
Пратениците, членови на Европската истражувачка група (ЕРГ), анти-ЕУ групација во Конзервативната партија на Тереза Меј, се состанаа синоќа за да разговараат за иднината на премиерката како лидерка на партијата, јави Би-Би-Си повикувајќи се на неименуван извор.
Дел од пратениците на состанокот рекле дека веќе предале писма за гласање недоверба на Меј.
Според правилата на конзервативците, избори за лидер можат да се одржат ако 15 отсто од пратениците на партијата побараат гласање за недоверба.
ЕРГ ги осуди плановите на Меј Британија да остане во зоната за слободна трговија со ЕУ, откако ќе ја напушти Унијата кон крајот на март наредната година, но и самата група се соочи со критики затоа што не понуди конкретна алтернатива.
Инаку евроскептиците од британската Конзервативна партија изминативе денови не постигнаа согласност за алтернативен план за Брегзит и документот кој го подготвија нема да биде објавен.
Приврзаници на Брегзит во партијата на премиерката Тереза Меј, кои не сакаат блиски односи со Европската унија, поделија документ од 140 страници кој содржел алтернативен план за излез на Велика Британија од ЕУ. Конзервативниот пратеник Џејкоб Рис-Мог сепак рече дека документот нема да биде објавен.
– Вистината е, ќе размислиме, изјави Рис-Мог.
Поранешниот заменик-министер за Брегзит Стив Бејкер завчера изјави дека Конзервативната партија на британската премиерка Тереза Меј се соочува со „катастрофална поделба“ во врска со планот на Меј за излез од Европската унија, изјави.
Според него, околу 80 пратеници од Конзервативната партија ќе гласаат против предлозите на Меј, познати како планот од Чекерс.
Стив Бејкер во јули поднесе оставка од фунцкијата заменик-министер за Брегзит, изразувајќи незадоволство од визијата на Меј за излезот на Велика Британија од Унијата.
Тој истакна дека не сака смена на лидерката на Конзервативната партија, но предупреди дека Меј би можела да се соочи со сериозен проблем на партиската конференција која ќе се одржи од 30 септември до 3 октомври.
Бејкер смета дека Меј треба да се бори за договор за слободна трговија, под условите што претходно во март ги зацрта претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 29 март, но условите за нејзин излез се уште не се јасни поради недостигот на сеопфатен договор за Брегзит.
И Лондон и Брисел велат дека сакаат договорот да биде готов до 18 октомври или најдоцна до крајот на годината.
Евентуален договор меѓу ЕУ и Велика Британија треба да биде одобрен од британскиот Парламент, кој на 20 декември оди на колективен божиќен одмор, и ќе продолжи да работи на 7 јануари.