Албанскиот театар во Скопје ќе добие нови 810 илјади евра од буџетот на Министерството за култура предвидени за идната година. Ресорниот министер Асаф Адеми соопшти дека очекува оваа национална установа набрзо да биде готова. Реконструкцијата трае веќе пет години, а се пробија неколку рокови. Последното ветување од установата е дека зградата ќе биде готова до Нова година.
-Предвидени се 50 милиони денари за Театарот во Скопје, за кој верувам дека дефинитивно ќе заврши реконструкцијата на објектот и ќе се стави во употреба, рече министерот за култура, Асаф Адеми.
Министерството за култура пред две недели објави извештај кој го изготви надворешна ревизорска група, а се однесуваше токму на реконструкцијата на Албанскиот театар. Документот со заклучоците е доставен до Владата, но се уште не е разгледуван на седница. Министерот посочи дека дополнително формирал работна група во рамки на министерството кое ги истражува наодите во извештајот кој е препратен и до државната ревизија, но и до министерството за финансии.
-Ги презедовме сите неопходни дејствија, ги информиравме надлежните органи, испративме писмо до различни институции и државната ревизија каде што ги информиравме за ситуацијата констатирана од комисијата што ја формирав. Исто така ќе се земе во предвид и информацијата од Националниот институт, Албанскиот театар во Скопје, целосна информација ќе се достави и во Владата, додаде министерот Адеми.
На 16 – ти месецов Министерството за култура го објави посебниот извештај. Во документот беше наведено дека неквалификувани лица ги воделе тендерските постапки. Вредноста на проектот била зголемена. Иако немало никаква промена во проектот во 2012 година, сумата на обезбедени пари била зголемена за цели еден милион евра. Дополнително работната група утврдила дека фирмата „Шенција“ која ја врши реконструкцијата имала две подружници, што било спротивно на законот.
Според анализата на независната ревизија досега за санација на зградата се потпишале договори во вредност од 10 милиони и 600 илјади евра. Предистрага во рамки на „Скопје 2014“ поврзана со реконструкцијата на Албанскиот театар води и СЈО. Дополнително до Катица Јанева доставен е извештајот на посебните ревизори, но документи за реконструкција на театарот испратила и финансиската полиција. Од Албанскиот театар пак, посочуваат дека санацијата на објектот е според сите законски прописи.