Новиот менаџер на Челзи, Маурицио Сари изјави дека Еден Азар е еден од двајцата или тројцата најдобри фудбалери во Европа и тој се надева на средба во четири очи, на која ќе се дискутира за иднината на фудбалерот.
Азар рече дека по Светското првенство во Русија можеби ќе дојде вистинското време за поинаков предизвик. По овие зборови, тој беше поврзан како потенцијално ново засилување на Реал Мадрид, кој ослободи место по продажбата на Кристијано Роналдо во Јувентус.
Самиот играч од средниот ред одлучи да се одмори откако го освои третото место на Светското првенство со Белгија во саботата. Истото го направи и голманот Тибо Куртоа, за кого исто така покажуваат интерес „кралевите“ од Реал Мадрид.
Сари од своја страна истакна дека „не сака сега да им ѕвони на играчите, бидејќи телефонот е разговор без да ги гледаш очите на спротивната страна и многу работи можат да бидат нејасни“.
Новиот италијански тренер за време на првата прес-конференција додаде дека „тимот ќе одигра на поинаков начин од оној на сонародникот“ и негов претходник Антонио Конте, кој ја освои шампионската титула во првата година на чело на тимот и ФА Купот на Англија во втората по менувањето на системот со тројца дефанзивци.
Челзи веќе го привлече дефанзивниот играч од средниот ред од Наполи, Жоржињо.
– Mојата цел е да се забавуваме и потоа да бидеме конкурентни во сите натпреварувања до самиот крај. Ако тимот се забавува на теренот, тогаш и навивачите ќе се забавуваат. Тоа е многу важно. Ние сакаме да стигнеме што е можно подалеку со тимот, но исто така, фудбалерите мора да уживаат на теренот, рече 59-годишниот тренер кој се претстави одлично со тимот на Наполи.
Челзи ја почнува новата сезона со натпреварот против Манчестер Сити на 5 август за Комјунити Шилд, а потоа гостува на Хадерсфилд пет дена подоцна во својот прв шампионатски дуел.