Во моментов, непрекинато се трудиме да постигнеме една заедничка позиција, не само во Бугарија, туку заедно со Северна Македонија и таа општа позиција да биде јасна, кажа бугарскиот премиер Кирил Петков, при денешната посета во Битола. Тој не даде конкретен одговор дали има предлог од македонската страна за решавање на спорот.
„Ја усогласивме рамката што ја имаме, знаете дека имаме коалиционен договор, имаме и преговарачка рамка, сите тие се нешта на кои треба да внимаваме. Истовремено, она што нè обединува е разбирањето дека за сите нас е важна европската иднина на Северна Македонија. Како што е и важно, јас мислам и двете страни тоа го разбираат, дека сите заедници во Северна Македонија треба да се чувствуваат рамноправно“,
одговори Петков на прашање дали има предлог од македонската страна за решавање на спорот.
Петков посочи дека тој е прв бугарски премиер кој доаѓа во Битола, а Бугарите во Македонија ги нарече мост меѓу двете страни. Тој посочи дека и за бугарскиот интерес е важно Северна Македонија да стане дел од Европската Унија.
„Ако немаме мир и стабилност на Балканот и ако не можеме да ги дигнеме границите, ако не можат бизнисите да работат од двете страни да работат, ако не можат луѓето да имаат општа визија дека всушност заедно можат повеќе, ништо нема да постигнеме“,
посочи Петков, кој денеска ја предводеше бугарската делегација на отворањето на клуб во рамки на културниот центар „Ванчо Михаилов“ во Битола.
Бугарската потпретседателка Илијана Јотова кажа за Северна Македонија да стане дел од Европската Унија, прво треба да ги реши правата на Бугарите во земјата – став кој го дели и шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска.
Во бугарската делегација беше и поранешната министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, која порача дека основна задача на сите политичари треба да бидат бугарските права.
„Видете колку народ има тука. Да им покажеме на граѓаните кои се тука и кои ни веруваат, дека основната задача на сите политичари и влади ќе бидaт правата на Бугарите, и дека Северна Макеоднија ќе стане навистина европска држава. Тоа значи сите граѓани во Република Северна Македонија да се еднакви пред законите, да имаат еднакви права. Се радувам што сум тука на отворањето на овој центар. Фактот што сме тука е добар знак, пред нас има многу работа“,
вели Захариева и додаде дека има жалби и сигнали за дискриминација на Бугарите во Македонија.
Од друга страна, Захариева тврди дека Македонците во Бугарија ги имаат сите права кои им ги дозволува Уставот на државата.
Бугарската делегација во Битола беше пречекана со протести, а градот денеска е под засилено полициско обезбедување.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во контекст на посетата, порача дека ако бугарскиот премиер Кирил Петков, сака да даде пример за добрососедство, може по враќање во Софија да отвори и македонски културен центар во Благоевград и Сандански,