Извештајот за состојбата на природата во Европската uнија оваа година покажува дека животната средина и биодиверзитетот се значајно оштетени, Европската kомисија повикува на акција, јави дописничката на МИА од Брисел.
Интензивното земјоделство, урбанизацијата, неодржливите методи на производство и експлоатација на природните ресурси, како и климатските промени, ловот и риболовот трајно и постојано го влошуваат биодиверзитетот на европскиот континент, ова во кратки црти е заклучокот на последниот извештај на Европската агенција за животна средина објавена денеска.
Посебно погодени се одредени видови на птици, а највисока стапка на лош статус на конзервација имаат слатководните риби, пред сѐ поради промените во состојбите на водите како и поради инсталација на хидроцентрали.
Извештајот потенцира дека иберискиот рис, шумските ирваси и видрите се соочуваат со подобрување на условите откако беа воведени посебни програми за нивна заштита во рамки на програмите на ЕУ.
Европската Комисија алармира и го повикува земјите членки итно да преземат мерки за спречување на натамошна деградација на природата и биодиверзитетот преку целосна имплементација на нејзините стратегии за животна средина и земјоделство.
-Повторно гледаме многу јасно дека го губиме нашиот витален систем на заштита на животот. Осумдесет и еден отсто од заштитените живеалишта се во лоша состојба во ЕУ. Мораме итно да ги исполниме заложбите од стратегијата на ЕУ за биодиверзитет за да го смениме трендот на уништување, во полза на природата, на луѓето, на климата и на економијата, изјави еврокомесарот за животна средина, Виргиниус Синкевичиус.
Директорот на Европската агенција за животна средина, Ханс Брејнинкс, од своја страна побара удвојување на напорите во политиките на заштита на природата и поголема амбициозност во борбата против климатските промени, посебно во областа на енергијата и транспортот. (MИА)