Талибанците и западни дипломати денеска почнаа разговори во Европа, по првпат откако тие ја презедоа власта во Авганистан.
На денешната средба зад затворени врати се очекува талибанците да инсистираат на одмрзнување на 10 милијарди долари блокирани од САД и другите западни земји бидејќи Авганистан се наоѓа во тешка хуманитарна ситуација.
– Бараме од нив да го одмрзнат имотот на Авганистан и да не ги казнуваат обичните Авганистанци за политика. Поради гладот, студената зима, мислам дека е време меѓународната заедница да ги поддржи Авганистанците, а не да ги казни за нивните политички спорови, изјави членот на делегацијата на Талибанците Шафила.Азам.
Пред средбата, дипломати од Европската унија, Велика Британија, Франција, Италија и Норвешка се сретнаа со жени и активисти од Авганистан и од дијаспората за да ги слушнат нивните барања. Вчера со нив се сретнаа и талибанците.
Вчера во Осло почнаа тридневните разговори на талибанците со владини претставници од Западна Европа и САД, како и со цивилниот сектор во Авганистан поради влошената хуманитарна ситуација во таа земја.
Ова е прво официјално патување на талибанците во Европа откако ја презедоа власта во Авганистан минатиот август. Тие претходно официјално престојуваа во Русија, Иран, Катар, Пакистан, Кина и Туркменистан.