среда, 27. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

АА не ја отфрла можноста за влез во Влада – Таравари по средбата со Ковачевски: Денеска немавме понуда

АА не ја отфрла можноста за влез во Влада – Таравари по средбата со Ковачевски: Денеска немавме понуда

Овојпат не бидна, но не се исклучува можност во иднина Алијанса за Албанците да стане дел од Влада.

Од денешната средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и в.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари се очекуваше партијата да добие покана за влез во Влада, но тоа не се случи. Таравари рече дека тема на средбата биле европските реформи и борбата против криминалот и корупцијата.

„Констатиравме дека европскиот пат на Македонија мора да продолжи и секако дека ние како Алијанса за Албанците стоиме на тој став дека ќе помогне во овој процес, со цел истиот да тече што побрзо. Исто така разговаравме и за борба против корупцијата и функционирањето на правната држава, која за жал е речиси во стечај во Македонија“, вели Арбен Таравари.

Таравари не ја исклучува можноста за влез во Влада, но вели дека ќе имаат црвени линии кои се опфатени во пакетот мерки, кои пак ќе ги презентираат кога ќе добијат покана да станат член од Влада.

„Вистина е дека практично Владата е во последниот квартал од нејзиното функционирање. Јас мислам дека станува збор за дебата која треба да се води во партијата. Има работи за кои можеби е потребна храброст за да преземеш одговорност и има работи за кои можеби не треба да го преземеш ризикот за губење на неопределените гласачи. Така што, ова треба да биде внатрепартиска дебата“, додава Арбен Таравари.

И од Владата потврдија дека тема на дебата на средбата бил патот на земјава кон ЕУ.

„Оваа средба е една од низата средби кои претседателот на Владата, Ковачевски ќе ги оствари во наредниот период со претседателите на сите политички партии застапени во Парламентот, а кои се однесуваат на суштински разговори врзани со европската иднина на Северна Македонија“, велат од Влада.

Според неофицијални информации, Алијанса за Албанците е во преговори за три министерства, а опција за избор се Министерството за здравство, земјоделство, за животна средина, за правда и Министерството за информатичко општество. Во преговорите се вклучени и неколку директорски места и функции на заменик-министри. Но, вреди да се истакне дека и со евентуалното вклучување на АА во Владата, сепак власта ќе го нема потребниот број од 80 пратеници за уставните измени.

Најнови вести