недела, 5. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Адеми вети искрена и максимална заложба на новата функција во МОН

Адеми вети искрена и максимална заложба на новата функција во МОН

Арбр Адеми денеска ја презема функцијата министер за образование и наука, на местото на досегашната министерка Рената Дескоска.

Како досегашен заменик министер во МОН Адеми вети искрена и максимална заложба, но и целосна посветеност во работењето.

– Заедно, партнерски се справуваме со сите предизвици, заедно успеавме да реализираме многобројни активности и по мое лично убедување мислам дека покажавме ажурност, истрајност и искрена заложба за подобрување на состојбите во националниот образовен систем, нагласи Адеми за досегашната соработка со Дескоска.

Истакна дека и во иднина ентузијастички, со целото Министерство за образовение и наука, ќе продолжат со реализација на сите приоритети, активности, мерки и проекти, што се дел од програмата на Владата.

– Фокусот, секако, останува на реформирање на основното и средното образование преку спроведување на новите законски решенија, како и примена на новите наставни програми, потенцираше новиот министер за образование и наука.

Адеми наведе дека се работи на изработка на учебници со подобрена содржина, поголема промоција на средното стручно образование, како и имплементација на концептот на дуално образование и поттикнување на креативноста на наставниците и учениците.

– Во делот на високото образование, секако, останува да водиме сметка за имплементација на сите одредби што се дел од новиот закон за високо образование, што треба да обезбеди подобри стандарди за работа и квалитет во таа сфера, посочи Адеми.

Адеми информираше дека во согласност со генералните одредби на Владата, Министерството за образование и наука ќе се потруди да издвои поголеми средства за нови можности и развој во областа на науката.

– Министерството стои на располагање за соработка со сите засегнати страни, со сите оние кои имаат добри предлози со цел да се подобри состојбата, наведе Адеми.

Тој и посака голема успех на Дескоска, која од денеска преминува на функцијата министерка за правда.

МИА

Најнови вести