петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Адвокатите бараат одложување на сведочењето на Нинџа поради сомнеж дека повторно тргува со обвинителството како во случајот „Ровер“ – барањето одбиено

Адвокатите бараат одложување на сведочењето на Нинџа поради сомнеж дека повторно тргува со обвинителството како во случајот „Ровер“ – барањето одбиено

Александар Василевски – Нинџа да сведочи откако Апелациониот суд ќе донесе правосилна пресуда за настаните од 27-ми април, бидејќи има сомнеж дека обвинетиот повторно тргува преку лажни изјави во корист на обвинението со цел да избори поволности за себе како што тоа го правел и во минатото.

Ова е барањето на адвокатскиот тим во процесот за организација на настаните на 27-ми април поднесен вчера, а изложен денес на рочиштето на кое треба да сведочи познатиот „сведок соработник“ Нинџа.

Одбраната констатира дека во пошироката јавност се уште е присутна дилемата во однос на давањето на исказот на Нинџа само 15 дена пред изрекувањето на пресудата за предметот за т.н. „терористичко загрозување на уставниот поредок“ со кој на 211 години затвор беа осудени 16 лица.

Василевски беше осуден на 8 години затвор, две години под минималната, за разлика од луѓето кои според пресудата тој ги организирал и координирал и добија по 12, 13, 15 години затворски казни. Поради овој факт, но и поради гласните коментари за сомнителните изјави на Василевски пред обвинителството и пред судот менувани три пати со драстични разлики во секоја изјава, како и поради историјата на Василевски за сомнителни сведочења во случаи додека против него се водат други постапки, адвокатскиот тим поднесе барање за одложување на сведочењето на Нинџа.

Адвокатите наведуваат дека ова барање доаѓа „поради перцепцијата дека со давањето на трета различна изјава на две недели пред изрекувањето на пресудата Нинџа „си обезбедил“ најмала казна од судот иако е осуден од Добрила Кацарска како главен организатор на патриотските здруженија за упадот во Собранието“.

Одбраната се сомнева дека бидејќи во моментов се води жалбената постапка пред Апелациониот суд за случајот во кој е Нинџа осуден, тој со своето сведочење во овој случај би дал нов невистинит исказ во полза на тврдењата на Обвинителството, како што постои сомневање базирано на факти дека тоа го правел и во минатото, на пример во случајот „Ровер“.

„Судската пракса покажала дека исказите на Нинџа биле во насока да добие олеснувања во однос на преиначување на полесни правни квалификации на кривично дело или олеснувања во однос на изречени казни затвор во предмети каде што бил обвинет, па оттука се поставува дилемата кај нас, а и во јавноста дали со сведочење кое оди во прилог на теоријата на случајот на Обвинителството, пред да биде правосилен претходниот предмет во кој Нинџа е осуден, тој ќе си обезбеди дополнителни олеснувања непосредно пред изрекувањето на пресудата на Апелациониот суд во Скопје, а на штета на утврдување на вистината поврзана со овој кривично правен настан.“

За потсетување, Нинџа во судењето за „Ровер“ во 2013 година одеднаш ја менува својата изјава дадена 12 години претходно во која тврди дека не ги видел убијците на Марјан Тушевски и Киро Јанев. На 6-ти февруари 2013-та Нинџа одеднаш „се сетил“ кои се убијците, што за правниците и јавноста беше чудно и осуетено уште тогаш, особено затоа што пред ова сведочење Нинџа беше обвинет за обид за убиство врз Драганчо Стојменов (клучниот сведок во случајот „Детонатор“), а по ова сведочење, делото на Нинџа беше преквалификувано во „нанесување тешка телесна повреда“.

„По 12 години молчење, Нинџа со свежа меморија во судот раскажува за кобниот ден и повторно преку лажни изјави за потребите на теоријата на случај на обвинителството беа осудени голем број на лица меѓу кои и поранешниот министер Љубе Бошковски, за што при повторената постапка судот не довери верба во оваа изјава и е донесена ослободителна пресуда“, стои во барањето на одбраната.

Одбраната наведува дека Василевски е лице со дебело криминално досие кое има сторено многу кривични дела како Злоупотреба на доверба, Измами, Изнуда и употреба на огнено оружје, Предизвикување опасност со помош на експлозив, Употреба на огнено оружје, Присилување со употреба на физичка сила, Напад со оружје и други кривични дела.

Адвокатите ја истакнуваат и јавната изјава на ед ен од бранителите на Нинџа во врска со неговите изјави во случајот за т.н. „теористичко загрозување на уставниот поредок“, во која се вели дека „обвинителството му понудило заштита бидејќи неговиот исказ опфатил моќни личности но не си го одржало зборот“.

Друг негов бранител на јавната седница на апелациониот суд истакнал дека неговиот штитеник во текот на јавната седница на Апелациониот суд соопштил дека барал спогодување со судот, односно да добие статус на сведок-соработник, но обвинителството ова барање формално го одбило и му понудило да биде обвинет со поволности во постапката.

Поради сето ова адвокатите на луѓето кои се на суд за наводно организирање на настаните на 27-ми април се сомневаат дека Нинџа повторно тргува со обвинителството нудејќи лажни искази во корист на обвинението, со цел да добие поволности при изрекување на пресудата од Апелација. Затоа предложија неговото сведочење да се одложи по изрекувањето на пресудата од Апелација, а судењето да продолжи со изведување докази. Ова нивно барање беше одбиено.

Најнови вести