Ако го слушаме премиерот Зоран Заев ќе слушаме дека Македонија е лидер на Балканот, а ЕУ требало да ни се јави кога ќе е подготвена да бидеме дел од неа. Но, во Македонија има само криминал, корупција и неспособност, рече пратеникот Мирче Аџиоски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната дебата во Собранието за ребелансот на Буџетот за годинава.
„Во Македонија има само криминал, корупција и неспособност. Во таква ситуација ниту ќе се јави некој, ниту ќе ја прими Македонија во своето друштво. Вас можат да ви се јават само некои од балканските и светски криминалци да им дадете пасош, а за нашите граѓани нема пасоши“, рече Аџиоски.
Според него ниту една влада не ја задложила Македонија како оваа предводена од Зоран Заев.
„Волку успешна влада за задолжување немало. Направи историски највисок јавен долг“, рече Аџиоски.
Пратеникот Аџиоски потсети дека кога СДСМ дојде на власт долгот беше околу 46 проценти, сега е над 60 проценти. Многу е важно, укажа Аџиоски, што тогаш се градеше, асега не правите ништо, правите најголем јавен долг, а парите ги нема. Според пратеникот Аџиоски и Светската банка има проекција дека ќе се зголемува јавниот долг или дека ќе се движи до 65, а понатаму и до 67 проценти.
„Сето ова е спротивно на кажувањето на власта дека ќе ја стабилизира ситуацијата. И Светската банка ја демантира Владата“, рече Аџиоски.
Пратеникот укажа дека оваа власт само воведува даноци, го осиромашува и пљачка народот и со своите чекори ја зголемува инфлациската спирала со што го намалува животниот стандард на граѓаните.