петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Аеродром LEVEL UP!

Аеродром LEVEL UP!

Фонтани, детски игралишта, паркинзи? Да, и тоа како нужно потребни за сите граѓани.

Но дали општина како Аеродром треба на тоа да застане?

Еден цел мандат од 4 години изгубен во времето и просторот, без идеја за нешто повеќе. Општина со повеќе од 100.000 жители заслужува подобро. Заслужува едно повисоко ниво на урбано живеење, хуман и еднаков развој во сите свои делови. Голф терен секако не е тоа.Треба да изградиме нешто поинакво, нешто што ќе биде од корист за сите граѓани, нешто за најмладите, но и за возрасните. Општина која ќе биде гордост за сите свои жители.

Визијата на актуелниот градоначалник во заминување, за жал не успеа да ги подигне условите за живот во Аеродром на едно повисоко ниво. Ако градоначалникот се промовира со чистење на фонтани, знаете дека во суштина нема ништо направено. Но тука ќе запрам за него, не е вредно да се коментира повеќе што направил или не направил.

Во суштина не треба многу да се измислува. Доволно е да се преземат добрите практики од европските општини, слични по структура и големина на Аеродром и да се имплементираат, секако прилагодени на потребите и условите на Аеродром.

Можеби современа велосипедска инфраструктура? Која секако не подразбира само вело патеки со бекатон плочки, туку многу повеќе. Безбедни места за паркирање на велосипеди, соодветно обележани патеки,  прилагодени ивичници на булеварите. Зошто да не и зона 0, каде ќе биде дозволено движење само на пешаци и велосипедисти? Зошто да не и ден без автомобили? Така добиваме 0 емисија на гасови, намалено загадување, многу помала бучава и поголема безбедност. И ова не треба да се измисли, ова функционира, треба само да се имплементира. А и долго време е барање од „На точак“, ама нема кој да слушне.

Спортот како суштина, не како дисциплина. Квалитетна спортска инфраструктура, достапна за сите без исклучок е нешто што ќе поттикне создавање на здрави навики и зависност од спорт.

Современо образование? Да, ама тоа не е само фарбање на фасади и боење на училници. Тоа подразбира многу повеќе. Општина Аеродром ги има сите предуслови за сериозна модернизација на образованието, на начин што наставата ќе биде прилагодена на современите текови, позабавна за учениците, а со тоа ќе покрене и поголем интерес од нивна страна. Современо образование со современи методи.

Социјална и детска заштита прилагодена на родителите и достапна за сите! Не родителите да се прилагодуваат на потребите на градинките, потребно е спротивното, градинките да се прилагодат на потребите на родителите. Како? Со изградба на нови, модернизација на постоечките и воведување на современа програма за најмладите. Градинките за жал се недостапни за многу дечиња и тоа мора да се промени. Квалитетна и здрава исхрана, еко градини, учење низ игра и многу други неопходни промени кои мора да се случат.

Селекција на отпад? Искористување на сончева енергија заради енергетска ефикасност? Да, што побрзо. Ако се стремиме кон урбано живеење, повисоки стандарди, ова е неопходно.

Но да не заборавиме, потребен е и целосен и рамномерен развој во Аеродром. Лисиче како дел од Аеродром мора да го достигне нивото на Аеродром, во развој и услови за живеење. Урбанизација на Лисиче и создавање на предуслови за квалитетна инфраструктура се неопходни за развој на овој дел од општината. Горно и Долно Лисиче се заборавени од локалната власт. Последниот урбанистички план е донесен пред дваесетина години. Најверојатно општинските власти не гледале бизнис интерес, што е жално, за да бидат мотивирани да се донесе урбанистички план и тоа мора да се промени. Условите за живот, поконкретно подобрите услови за живот, мора да бидат прв приоритет за урбанизација, а не нови згради.

И на крај ќе се вратам на почетокот. LEVEL UP е неопходен за Аеродром. Ниво кое ќе биде за пример и ќе се трудат да го достигнат сите останати.

Хуманизација, а не бетонизација на Аеродром.

Дејан Митевски

Најнови вести