Амбасадорката на САД во земјава Аџела Агелер вечерва истакна дека е збунувачки процесот за избор на нов шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, потенцирајќи дека корупцијата очигледно е најголемиот предизвик со кој се соочува Северна Македонија.
– Го гледав како збунувачки кога се случи и се уште го гледам така. Премногу работи не беа одговорени. Ова нема никава врска со човекот што беше избран, ова има врска со процесот, процесот служи за да се изгради таа доверба, што сега е осум проценти во правосудството, а треба да биде најмалку двоцифрена бројка. Јас не знам што точно се случило, не можам да прејудицирам каков бил процесот, но отвора љубопитност – наведе Агелер во интервју за телевизија Сител, зборувајќи за процесот за избор на нов шеф на Обвинителство за гонење организиран криминал.
Таа, осврнувајќи се на корупцијата во земјаве рече дека нејзиното мислење е рефлексија на она што го кажуваат од луѓето во оваа земја, дека корупцијата е очигледно најголемиот предизвик со кој се соочува РСМ.
– И особено како што се движи кон Европската Унија, како што се движи кон полноправна членка на европското семејство, за да ги спроведе реформите и да се отвори за инвестиции, коишто мислам дека треба да се видат, да се отвори за странски туризам, за целосна интеграција во европската заедница, јас верувам дека тоа ќе бара сериозно адресирање на проблемот со корупцијата – потенцираше Агелер.
Амбасадорката наггласи дека корупцијате не е само поткуп. Корупцијата, како што наведе, се јавува во толку многу форми.
– Како што патувам низ земјава и зборувам со обични луѓе, тие зборуваат за корупција секогаш кога треба да посетат лекар, секогаш кога работат, секогаш кога нивното дете треба да се запише во некое училиште. Искрено, корупцијата доведе до она што јас мислам дека е вистинска катастрофа за оваа земја и што толку голем број млади луѓе не сакат да останат – рече Агелер.
Таа зборувајќи за поддршката која САД ја има дадено за македонското правосудство рече дека, после се што е направено податокот за довербата во правосудството е разочарувачки.
– Мислам дека е длабоко разочарувачки. Дури и во ова време кое што сум тука, а денес се навршува еден месец, видов работи кои се збунувачки, проблематични и како што кажав на Твитер тоа е огромно разочарување. Зборуваме за декади од инвестиции. Говориме за милиони и милиони долари платени од даночните обврзници на САД да инвестираат во судството во оваа земја. Ние, но уште повеќе луѓето на оваа земја заслужуваат да видат поврат на таа инвестиција – потенцираше Агелер осврнувавајќи се на целата помош што САД ја има дадено во изминатиот период за напредок во правосудниот секотор.
Агелер на Твитер денеска објави дека тим за санкции од Вашингтон пристигнал во земјава за да изврши поагресивен увид во поранешните и сегашните корумпирани актери, и да ги разгледа сите можни одговори.
– Правосудниот сектор на Северна Македонија има потреба од повеќе истраги и гонења, за да се покаже дека никој не е над законот – порача американската амбасадорка.