За министерството за внатрешни работи нема ништо спорно што фирмата стара 7 дена на 26 годишниот Виктор Серафимов наредните 5 години ќе држи монополски бизнис со возачки дозволи на територијата на Скопје, со чист профит од неколку стотици илјади евра. И другите фирми како ПСС и останатите што учествувале на тендерот бидејќи регистрирале нова дејност за испитни центри за МВР се нови фирми.
Министерот Спасовски вели дека одлуката на комисијата која бизнисот го дала на Авто испитен центар била крајно сериозна почитувајќи ги сите законски процедури и правилници.
-Сите фирми кои конкурираа се нови фирми. Дали фирмите кои ги спомнавте ПСС и АМСМ се стручни и компетентни јас немам сомнеж. Фирмата ПСС не учествуваше на конкурсот, учествуваше нова фирма Испитен центар ПСС и таа фирма е формирана оваа година сега и сите други фирми кои се учесници на овој конкурс се формирани во последните месец, два, неколку дена пред огласот. Што е важно, важно е да има стручен кадар, вработени согласно законот, вели Оливер Спасовски министер за внатрешни работи.
Авто испитен центар Скопје според бодувањето, не откривајќи како се бодирало, котирала највисоко на листата уверуваат од МВР. Фирмата беше регистрирана 7 дена пред МВР да го распише конкурост за издавање лиценца, 4 дена од основањето, фирмата закупи под наем училници во деловен центар на улицата перо наков 108 а. Каде се полигоните на Авто испитен центар не откриваат. Иако вчера на Алфа и беше ветено дека ќе не контактира Серафимов, нема ниту глас од младиот директор на новата фирма која 5 години единствено ќе има право да спроведува полагање на возачки испити во Скопје.
Извор: АЛФА