Комисијата за одбрана и безбедност денеска треба да одржи продолжение на седницата за амандманската расправа по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка, поднесен од пратениците од Алијанса на Албанците (АА) и Алтернатива.
Седницата на Комисијата почна завчера. За законот, според најавите, се подготвени десетина комисиски амандмани, по разговорите на пратениците и претседателите на СДСМ и премиер Зоран Заев и на АА и Алтернатива Зијадин Села.
Предлог законот е поднесен од пратениците Зиадин Села, Скендер Реџепи, Сурија Рашиди, Сафије Садики Шаини, Абдула Салиу, Елми Азири, Халил Снопче, Илире Даути, Атнан Незири, Артина Ќазими, Хусни Исмаили и Африм Гаши.
Во Собранието за денеска се закажани и седници на комисиите за европски прашања и за здравство, на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, како и работна средба на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Северна Македонија.
Членовите на Комисијата за европски прашања треба да расправаат за предлог законите за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста и на Законот за матучната евиденција, како и предлог законите за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори, за управување со отпадот, за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад, за управување со пакување и отпад од пакување, за управување со дополнителни текови на отпад, сите во прво читање.
На дневен ред на Комисијата за здравство е Предлог законот за утврдување на максималните цени за болничко лекување и за тестирање на пациенти со Ковид-19 во приватните здравствени установи, во прво читање, поднесен од пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов.
Постојаната Анкетна комисија треба да се дебатира за Годишниот извештај за работата на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права за 2020 година, како и за Годишниот извештај за работата на Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права за 2020 година, а како точна на дневен ред е поставена и Иницијатива за формирање работна група за посета на КПД Идризово.