сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Анализа: Анкети како алиби за бегството од избори

Анализа: Анкети како алиби за бегството од избори

Ќе користи ли Заев нарачани анкети како алиби за бегство од избори? Ова прашање се наметнува во јавноста откако вчера се појавија анкети на кои Заев и актуелната Влада доколку утре се одржат избори ќе победат.

Познавачите на ваквите политички ситуации коментираат дека анкетите со предност на Заев ќе имаат за цел, доколку има потреба, премиерот да ги искористи за да се оправда во случај на одложување на договорените поредвремени парламентарни избори. Идејата е Заев да презентира водство во јавноста, кое треба да ги сокрие реалните бројки и стравот од пораз на изборите, за носењето на законите во законодавниот дом да останат како единствена пречка, односно ултиматум поставен од премиерот.

Фадил Зендели од БЕСА во телефонски разговор за Курир вели дека оваа изјава на Заев ја смета за начин за избегнување на веќе планираните избори на 12 април со договор постигнат кај претседателот на државата.

-Сметаме дека тоа е само изговор, донесувањето на суштинските закони кои премиерот сака да ги помине во овој период каде е натрупана работата на Собранието, на последната седница ќе имаме 126 точки на дневен ред. Лично, би сакал да одиме на избори и целото општетство зборува за тоа, оди во таа насока и не гледам посебна причина за одложување. Тоа што го вели премиерот за мене не е некоја посебна причина затоа што законите кои тој ги споменува се предизборни ветувања на премиерот во насока на предизборието, а не во насока дека тоа е некоја реална економска и политичка ситуација во земјава, вели Зендели за Курир.

Според Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите, секој збор изречен во политичкиот живот за одложување на изборите ја намалува шансата на оние кои тој збор го употребуваат во најмалку 5 проценти во избирачкото тело.

-Зборот одложување на изборите значи страв, несигурност, страв од губење на изборите, несигурност во сопственото делување и во резултатите на изборите, како и последиците кои би можеле да произлезат од таквата одлука, вели Стоиљковиќ за Курир.

Тој е дециден дека изборите треба да се одржат на 12 април.

За потсетување, и претседателот Стево Пендаровски истакнува дека сега не постои никаква логика за преместување на изборите. Според него закажување на датумот на изборите по 6 месеци беше неопходно заради формирањето на Техничката влада 100 дена пред изборите.

–На само неколку месеци по 12 април влегуваме во термин за редовни избори и не можам да видам која партиска или државна логика би барала тие избори да се одложат, изјави Пендаровски во емисијата „200“ на Алсат.

Дека Заев бега од избори зошто се плаши од пораз и одговорност вчера со обвинување излегоа од ВМРО-ДПМНЕ.

-Зоран Заев работи на сценарио за одложување на изборите затоа што се плаши од избори и се плаши од соочување со народот. Зоран Заев многу добро знае дека изборите за него значат крај на политичката кариера, а потоа следи одговорност. Зоран Заев знае дека сето ова негово владеење, кое е препознатливо по виткање на кичмата, рекет, изнуди, уцени, трговија со националните интереси, тепање на граѓаните и праќање на рекетари, народот не го одобрува. Затоа Зоран Заев не сака соочување со народот. Сака да одбегне пораз и да одложи соочување со одговорноста за своето работење, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ пак, со нетрпение ги очекува изборите и, како што изјави пратеникот на оваа партија Артан Груби, следната победа.

-Ние сме за избори. Ги очекуваме изборите, спремни сме, реформирани и готови да ја преземеме повторно одговорноста од граѓаните за реализација на нивните очекувања. Исто така, ги поддржуваме сите законски решенија, било да е тоа Законот за Армијата, Законот за ЈО, па дури и инкорпорирањето на препораките од ОДИХР и ОБСЕ во Изборниот законик кои би сакале да се усвојат во текот на јануари, по изборот на преодната влада, која ќе треба да ги организира изборите, рече Груби во Собрание.

Најнови вести