среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

АНАЛИЗА: Парадоксален старт на предизборни „меѓународни“ мешања: Награда за мир за договор кој внесе толку многу немир и неспокој?!

АНАЛИЗА: Парадоксален старт на предизборни „меѓународни“ мешања: Награда за мир за договор кој внесе толку многу немир и неспокој?!

Македонската јавност повеќе од рамнодушно ја прими веста дека поранешните премиери на Македонија и на Грција, Алексис Ципрас и Зоран Заев, добиле награда за мир за Преспанскиот договор. Денеска се соопшти дека Меѓународната награда за мир на Вестфалија паднала во рацете на екс премиерите.

-Алексис Ципрас и Зоран Заев постигнаa дипломатски подвиг со постигнатиот договорот за повеќедеценискиот конфликт околу името на Македонија, давајќи многу значаен придонес за стабилноста на целиот балкански регион, тврди во својата изјава  д-р Рајнхард  Зинкан претседавач на Економската заедница на Вестфалија и Липе.

Индикативно е што наградата се доделува скоро две години по договорот, а свечено ќе биде доделена и на повеќе од две години на истиот, во септември 2020-та. Веста ја пренесе кој друг ако не македонскиот сервис на Дојче Веле, кој вчудовидувачки во последно време ја игра улогата на најистурена  филијала на владејачката констелација, а чиј дел од новинарските коментатори честопати ги засенуваат и досегашните најизвикани медиуми со просоцијадемократска ориентација и нивните најистурени експоненти како Политико, Дерала и Тричковски.

Почитуваниот д-р Рајнхард Зинкан, во ниту еден момент на ја објасни неправдата нанесена кон македонскиот народ со договорот кој стана познат како Преспанска капитулација. Зинкан ги фали само наводните придобивки од него, но не споменува дека токму во Македонија тој договор се спроведе насила, без почитување на волјата и гласот на народот, со небулзоен  и неуспешен за „ЗА“-евци „консултативен“, а не задолжителен референдум нелогично направен по потпишувањето.

Луѓето, т.е. жирито кое ја додели оваа награда, најверојатно не знаат или поверојатно замижуваат и на начинот на кој овој договор беше вметнат во Уставот на Македонија, правен „оче наш“ за секоја нормална држава, кој се смени насила и со уцени со затвори, чин кој изнедри една ултра-зависна пратеничка група во македонското собрание.

Очигледно, доделувачите на „престижната“ награда која се доделува и во мошне сомнителен тајминг, на повеќе од 20 месеци по потпишувањето овековечено со размена на вратоврски, не ги интересира ставот на Македонците кои рекоа едно силно НЕ на 30-ти септември 2018-та година, па 16 месеци по него доделија награда која „случајно“ или не треба некому да даде ветер во едра. Секако, доколку не постоеше тотално резигнираниот однос на македoнската јавност и некој пројавеше интерес кон веста за оваа небулозна награда.

Основниот проблем на оваа „награда“ е што таа е за мир?! Објаснувањето е дека истата придонела за стабилизација на Балканот, небаре ги смири Косово и Србија или ставила крај на некогашната војна во Босна.

Како прво прашање се поставува она дали некогаш и некаде некој поставил прашање за некаква си можност за каква и да е војна или барем какви било воени тензии меѓу земјата која пред година и половина се викаше Македонија (а така ќе се вика засекогаш за над 80% од Македонците) и нејзиниот јужен сосед Грција? Поверојатно, Грците „стравуваа“, т.е. посакуваа посилен „напад“ врз нивните плажи на Халкидики од македонските туристи кои секоја година оставаат десетици милиони евра во грчките џебови.

Уште поголем проблем е што оваа „награда за мир“ се дава за најголемиот немир и неспокој кој некој некогаш го внел во душата на Македонецот во последните децении на постоењето на државата.

Преспанскиот договор стана синоним за непотребна и насилна алатка која внесе најголеми поделби во државата од нејзиното постоење и повеќе, договор кој макеоднското национално ткиво го поддели на патриоти и т.н. северџани, како што првите погрдно ги нарекуваат оние кои го прифатија новото, наметнато име на државата. Контра нив, јуришниците на т.н. северџани, почитувачите на името Република Македонија ги нарекоа македонџани.

Раслојувањето на националното ткиво зазема алармантни размери, а северната придавка секојдневно прави уште поголем и се’ поголем процеп меѓу народот, токму поради овој договор кој отвори многу непотребни прашања, а кој сега Вестфалија ќе го овековечи со награда за мир?!

Како еден договор кој треба на престижните универзитети да се изучува како пример како и по која цена не треба да се прави меѓудржавен договор, стана причина за доделување награда за мир, макар од Вестфалија? Тоа ќе го толкуваат странските и домашните правници во следните години.

Нашите правници, пак, одамна си го кажаа своето. Барем оние кои не се неколкумината на платниот список на СДСМ. Проблемот е што во Македонија никој веќе не ги слуша познавачите на правото, а последен пример за тоа беше и контраверзниот Закон за ЈО, наречен Зокиев Законик.

Вистината, формално-правна, де факто и де јуре и како и да сакате да кажете е дека во светот не постоел ниту постои договор, бил или не меѓународен, кој не може да се поништи. Настојувањата и тврдењата на една владејачка каста на заминување за неиреверзибилност на процесот ги оценуваат како класична демагогија за ширење на рамнодушност и апатија. Реалноста е дека, особено во правото владее прагмата „панта реи“, односно, се’ тече и се’ се менува, особено кога правдата е на ваша страна.

Во јавноста одамна „виси“ и сознанието дека по примерот на „меЏународната“ канонада на дузина посети пред Референдумот, кој и покрај тоа беше неуспешен за Заев и СДСМ па мораа насила и патетично да го прогласат за „успешен“, пред овие избори кои се ден „Д“ за Македонија каква што ја знаеме, ќе има и нов, но не толку силен наплив на „поддршка“ за  партијата и нејзиниот назјивикан експонент, кој премина преку националните интереси и светии за да „реши“ проблем кој сега е реално поголем од она што беше пред три години. Партијата која му кумуваше на правниот Франкенштајн од Преспа, се правда дека со ова  обезбедила членство во НАТО, кое никому не му беше ни спорно освен на Грција и која не блокираше уште во 2008-та кога требаше да станеме полноправна членка. За ова вето имаме и пресуда од Меѓународниот суд во Хаг, кој сега може да послужи само како изветвен доказ за првата дипломатска победа на Македонија, која поради СДСМ сега е само Пирова победа. За потсетување, Македонија и како „нечленка“ беше 6-та држава во НАТО според учеството на војската и бројот на жители.

Очигледно, на Вестфалија не и е битно што Ципрас и Заев се поранешни премиери, а според анкетите и расположението на народот во двете земји, веројатно ќе останат такви и во „далечна“ иднина. Казната на народот која следува и во Македонија, најверојатно, ќе ја извртуваат и правдаат со нивната наводна  „жртва“ на кариерите, која Заев немаше ни да ја има по поразот во 2016-та доколку некој не реши дека тој е совршена алатка во процесот на промена на името. Совршен избор на лик кој нема многу да прашува што треба да стори, а за возврат ќе биде премиер и уште поважно за него, амнестиран за стореното во „Пуч“ и во „Поткуп“ каде целата јавност слушна како Заев бара поткуп од струмичкиот бизнисмен.

Незасегнати од националните губитоци на македонските граѓани, помал дел странците и натаму ќе го фалат оној кој се дрзна без поддршка на мнозинството да смени име, Устав и преамбула. Проблемот за актуелната гарнитура е што соочени со нивната тотална неспособност, особено покажана на полето на економијата и јасно презентирана на полето на правдата (дел од носечките параметри за една функционална демократија која сега е во состојба на хибриден режим) СДСМ загуби многу од поранешните поддржувачи, кои се свесни дека не можат да поддржат ваква нефункционална, хибридна констелација.

На страна, проблемот лежи и во фактот што она што требаше да се стори на планот на името, социјалдемократите го сторија (сторија и повеќе отколку што треба со таблите, регистрациите и имињата на институциите), така што нивното присуство во власта веќе е непотребно, целта е остварена, а натамошната судбина на името кое може и да се врати во вистинската, првобитна форма за две месеца нема ни да биде од интерес на засегнатиот дел од меѓународната заедница. И странскиот фактор е свесен дека станува збор за партија која од една страна има полна уста со ЕУ и НАТО, а од друга кон правото и политичките противници се однесува како башибозук на подарен пашалак.

Најголемиот проблем за СДСМ, сепак, е фактот што народот стана скептик и одамна отрпна на странски пораки и влијанија, кои во последно време се дури и контрапродуктивни за нарачателите од екс Бихаќка. Ова расположение особено се засили по лажните ветувања за датум за преговори од челници на ЕУ, а истиот тој датум беше морков во убедување на дел од македонските граѓани за да гласаат на Референдумот.

За потсетување, придавката Северна и промена на името крајно небулозно и манипулаторски не беа ни спомнати на Референдумот, туку се гласаше за прифаќање на Преспанскиот договор за наводен влез во ЕУ и НАТО.

Сега, основното прашање на социјалните мрежи е како испадна по сета шарада, перипетии и силување на правото, уставот и тормозење на државата, за истата таа „преспанска капитулација“, некој на Заев му доделува награда за мир ?!

Кога, разбирливо, не ја доби Нобеловата за мир, која отсекогаш и беше само утопија и политичка патка за дигање рејтинг, граѓаните се шегуваа дека по сите негови дејанија во Македонија, на Заев треба да му се компензира и да му се даде Нобелова награда за криминал и рекет…

Само за потсетување, Алфред Нобел, чија фондација ја доделува Нобеловата награда за мир го изуми динамитот. Поведени од оваа логика, тогаш зошто би било чудно лик кој внесе толку немир и неспокој да добие награда за мир?

 

Љупчо Цветановски

 

Најнови вести