Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски, неправосилно осудени за убиството на Денис Тот, бараат одново да им се суди, а пресудата да биде укината. Тие пред Апелација ги кажаа своите аргументи поради кои сметаат дека не го сториле делото убиство, но и поради кои сметаат дека казните им се високи. Посочуваат дека Обвинителството греши, а тоа го објаснуваа со тезата дека Тот не може да биде убиен со неколку удари оти имал добра кондиција и на натпревари го удирале и по десетина пати.
„Очекуваме дека жалбите ќе ни бидат уважени, очекуваме дека првостепената пресуда ќе биде укината и дека ќе одиме на повторно судење. Сите бранители жалбата ја побиваме по четирите основи. Сметаме дека има суштествена повреда на постапката, дека не е целосно утврдена фактичката состојба, дека е повреден Кривичниот законик, дека е превисока казната“, рече адвокатот Бојан Василевски, бранител на Клементина, по јавната седница.
На јавната седница се повтори одбраната што обвинетите ја дадоа и пред Кривичниот суд. Посочија дека Тот бил пијан. Адвокатот Иле Танев рече дека првостепениот суд селективно ги ценел и доказите.
„Судот имаше селективен пристап и ги ценеше доказите што одат само на товар на Анџело Ѓеоргиевски, но и доказите што одат на товар на обвинетите“, посочи адвокатот Танев, бранител на Анџело Ѓорѓиевски.
Еленко Миланов, бранител на Андреј Костовски, посочи дека најголем проблем е правната квалификација.
„Сметам дека во конкретниот случај е спорна правната квалификација за сите обвинети, дека може да станува збор за убиство. Во однос на мојот клиент, единственото дејство е во пределот на десната страна на градниот кош – каде што нема модринка, нема знаци на повреда, а тоа е единственото дејство што го врзува како соизвршител во кривично дело убиство. Таа правна квалификација не може да биде“, рече Еленко Миланов.
Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска добија по 18, а Андреј Костовски 16 години затвор за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот. Сите тројца се во притвор поради опасност од бегство.