„Ако ми дозволите со една реченица само да го прокоментирам отсуството на СДСМ од дебата, затоа што ова станува изгледа редовна пракса. Гледам веќе повеќе од една година претседателот на СДСМ сегашен и премиер Ковачевски одбива дебата, ТВ дуел со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професорот Христијан Мицкоски и тоа е штетно. Затоа што кога сакате да туркате процес низ општеството кое што општеството природно не го прифаќа, а затоа зборуваат анкетите за уставните промени, барем природно би било да за тоа дебатирате во јавност, да ги соочите аргументите ако тие ги имате. И навистина е штетно тие да не се соочуваат“, истакна Стефан Андоновски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата „24 анализа“ на телевизија 24.
Андоновски додаде дека премиерот Пленковиќ покажува како еден државник треба да се однесува, а тоа е прво правило на немешање во внатрешните односи на другите држави. Хрватска има покажано дека на Македонија и е најголем пријател.
„Би сакал да го прокоментирам нашиот предлог модел, односно хрватскиот модел. Неколку месеци веќе, да не речам веќе скоро една година сме убедувани од власта дека ние треба како што можела Хрватска да го направи тоа за малцинствата, да го направиме и ние за бугарскиот народ во Македонија. И кога ВМРО-ДПМНЕ излегува со став добро земете го моделот на Хрватска, пресликајте го во Македонија таа Преамбула во Уставот, и впишете ги сите заедници кои се набројани во пописот, тогаш имате молк од другата страна. Дури и не разговараат за тој предлог затоа што им штети. Што содржи тој предлог, кои се двете суштински компоненти, првата суштинска компонента е зачувување и задржување и зајакнување на унитарниот карактер на Македонија и поттикнување, зацрвстување темелите на тој унитарен карактер, а потоа и грижа и за сите национални малцинства во Македонија. И тие две компоненти се проблематични на СДСМ“, рече Андоновски.
Тој посочи дека СДСМ не може да каже дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е антизападен кога го има Хрватска. Од СДСМ не можат да кажат дека предлогот не чини, затоа што тие самите говореа дека Хрватска кога пристапувала кон ЕУ тоа го направила.
„Овој хрватски модел е многу јасен, и е многу близок текстот и по духот во кој што се обраќа, тоа е зашто потекнува од една слична уставна правна традиција. И пишувањето на Уставите во 90-тите се воделе по тој еден заеднички модел“, појасни тој.