Три хеликоптери (еден наш и два српски) се упатени кон беровското село Мачево каде што ситуацијата со пожарот ескалира, објави на социјалните мрежи директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Како што посочи тој, огнената стихија почнала да претставува опасност за куќи во селото.
„Хеликоптерите ќе продолжат да дејствуваат во овој реон (Пехчевско/Делчевско/Беровско) сè додека има доволно дневна светлина“, нагласи директорот на ЦУК.
Претходно попладнево беше објавено дека ситуацијата со пожарот нагло се влошила, особено кај селата Робово и Мачево, каде што поради ветрот дошло до брзо ширење на огнот по боровата шума.
Голем број припадници на надлежни органи, доброволци, како и пожарникари од Австрија, се обидуваат да го локализираат пожарот.