Дваесет проценти од лицата родени во регионот на Западен Балкан живеат во странство, со што се намалува потенцијалот за раст на економиите во регионот. „Човечкиот капитал е предуслов за постигнување одржлив и инклузивен економски раст, додека миграцијата е еден од факторите коишто влијаат врз човечкиот капитал. Со намалувањето како на квантитетот, така и на квалитетот на работоспособното население, имајќи предвид дека една третина од емиграцијата во регионот е со високо образование, се намалува потенцијалот за раст на економиите и се забавува веќе ниската конвергенција на доходот ‒ доходот во регионот е само 40% од европскиот доход. Носителите на политиките не можат да ја спречат емиграцијата целосно, но може да ги ублажат негативните последици“, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која говореше на панел-дискусијата „Миграции, бегалци и општества“, во рамките состанокот на Холандско-белгиската конституенца на ММФ и Светската банка, којашто годинава се одржува во Црна Гора. На панел-дискусијата на која учествуваше гувернерката на Народната банка, зборуваа и министерот за финансии на Грузија, министерот за финансии на Украина, заменик-министерот за финансии на Холандија и директорот во Светската банка, Хавиер Девиктор, додека претседавач беше министерката за финансии на Молдавија. На конституенцата учествува наша делегација, предводена од гувернерката и министерот за финансии, Фатмир Бесими, во чии рамки е и вицегувернерката Ана Митреска.
Во своето излагање гувернерката посочи на бавната конвергенција на регионот на Западен Балкан кон ЕУ, што главно може да им се припише на структурните прашања, при што потенцијалот за раст на регионот во изминатите две децении се намали од 5% на 2,5%, што е поостар пад во однос нa ЕУ. Ова се должи на неповолните трендови кај сите двигатели на економскиот раст, вклучително и кај човечкиот капитал. Квантитетот кај човечкиот капитал опаѓа, како резултат на демографските фактори, но и емиграцијата. Како резултат на тоа процентот на работноспособното население во регионот во изминатата декада се намали од 70% на 65%, додека очекувањата на Светската банка се дека во следните две и пол декади ќе се намали на 60%. Во моментов, секој петти граѓанин роден во регионот живее во странство, додека секој трети размислува да се исели.
Од аспект на квалитетот на човечкиот капитал, третина од работниците кои се иселуваат се високостручни кадри, што влијае неповолно како на сегашната состојба, така и на идните движења на пазарот на труд и уште повеќе ги нагласува постојните предизвици. Ова го покажува и индексот на човечкиот капитал на Светската банка, според кој и сега има голем јаз помеѓу земјите од регионот и напредните економии во ЕУ во овој домен. Севкупно, емиграцијата го забавува растот и развојот на регионот, за што зборуваат и некои анализи според кои доколку не постоел ефектот од емиграцијата, јазот на потенцијалот за раст во регионот би бил помал за 2 процентни поена во споредба со ЕУ.
За да се намали емиграцијата се потребни структурни и институционални политики за да се зголемат доходот и квалитетот на животот во регионот, бидејќи тоа е еден од клучните фактори за миграцијата. Истовремено, треба да се зголеми искористеноста на човечкиот потенцијал којшто го имаме со зголемување на животниот век на населението којшто заостанува зад европскиот просек, со зголемување на стапката на активност, особено на жените и младите, како и со подобрување на квалитетот на работната сила преку политики за унапредување на образовниот процес. Од друга страна, унапредувањето на институциите, водењето соодветни економски политики и зајакнувањето на врските со дијаспората, може да имаат позитивни ефекти и да придонесат за враќање на дел од иселените лица, како и за привлекување нови работници од други региони.
И покрај главно негативниот контекст на емиграцијата, таа носи и извесни придобивки, пред сѐ финансиски, имајќи ги предвид приливите на средства од дознаките од странство, коишто во регионот изнесуваат 10%, додека кај нас дури 15% од БДП.
Инаку на маргините на состанокот на Конституенцата, нашата делегација оствари билатерални средби со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, регионалниот заменик-претседател во ИФЦ, Алфонсо Гарсија Мора, како и со директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер.