сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Економија

Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и СБ

Ангеловска-Бежоска на Годишните средби на ММФ и СБ

Делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Фатмир Бесими, ќе учествува на редовните Годишни средби на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светската банка (СБ), коишто ќе се одржат во текот на оваа седмица во Маракеш, Кралството Мароко. Во составот на делегацијата на Народната банка е и вицегувернерката Ана Митреска.

Во рамките на Годишните средби, гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Митреска ќе одржат состаноци со високи претставници на ММФ и СБ, како и со претставници на други меѓународни финансиски институции. Економските состојби и предизвиците коишто ги донесоа неколкуте кризи во изминатите три години, очекувањата за идниот период, мерките коишто се преземаат преку монетарната политика, заложбите за поддршка на зеленото финансирање и за справување со влијанието на климатските промени, финансиската инклузија, се дел од темите коишто ќе бидат опфатени на предвидените работни средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе.

Делегацијата ќе оствари средби и со високи претставници на Светската банка, односно со Антонела Басани, потпретседателка на Светската банка, Шаочинг Ју, директорка на Светската банка за Западен Балкан и со Кун Давидсе, извршен директор на СБ за Конституенцата во која членува нашата земја. На средбите ќе се разговара за тековните состојби, како и за глобалните финансиски и геополитички движења, како и проектите на кои се соработува.

Годишните средби на ММФ и СБ се платформа на која првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки разговараат за светската економија и политиките како одговор на предизвиците заради постигнување раст, еднаквост и напредок.