Затегнувањето на монетарната политика, коешто е глобален феномен, е неопходно заради намалувањето на инфлациските очекувања и за стабилизирање на инфлацијата како предуслов за одржлив раст. Се соочуваме со најсинхронизираниот циклус на затегнување на монетарната политика од страна на централните банки во изминатите 50 години, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
-Зголемувањето на основните каматни стапки може на краток рок да има ефект врз економската активност, но треба да се има предвид дека макроекономските политики не се замена за структурните политики, коишто се клучни за зголемување на потенцијалот за раст“, рече Ангеловска-Бежоска во интервју за магазинот на централната банка на Полска „Финансиски опсерватор“.
Гувернерката истакнува дека сепак силината на реакцијата и видот на инструментите коишто се користат од страна на централните банки зависат од факторите што влијаат врз инфлацијата, особено од производниот јаз, од видот на монетарните инструментите и од монетарната стратегија. Со оглед на геополитичките случувања, економскиот раст секако би забавил, но колкаво ќе биде забавувањето зависи од: времетраењето на глобалните шокови врз што не можеме да влијаеме, чувствителноста на економиите на глобалните шокови (врз што можеме да влијание, но на среден рок), како и од координираноста и ефективноста на макроекономските политики. На подолг рок, патеката на растот ќе се должи пред сѐ на брзината на спроведувањето на структурните реформи.
Во интервјуто гувернерката се осврна и на ризикот од забавување на глобализацијата, којашто досега имаше важна улога за економскиот раст на економиите, особено на помалите како нашата. Притоа, истакна дека расположливите податоци за глобалните трговски и финансиски текови засега не упатуваат на поголеми промени. Имено, по големиот пад на светската трговија во периодот на пандемијата, следеше процес на закрепнување, и покрај зголемениот број на трговски бариери. Сепак, не треба да се потцени ризикот од среднорочни промени во насоката, структурата и во географската димензија на глобализацијата.