четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Арсовски: СДСМ со воведување на персоналниот данок ќе ја зголеми сиромаштијата која и онака е на рекордно историско ниво

Арсовски: СДСМ со воведување на персоналниот данок ќе ја зголеми сиромаштијата која и онака е на рекордно историско ниво

Со секое доаѓање на СДСМ на власт тие единствено со нивната неспособност и политика ја воведуваат сиромаштијата и бедата помеѓу граѓаните, истакна на денешната прс-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

-СДСМ дојде на власт со ветувања за повисоки плати и пензии, а резултатот е само нови задолжувања и зголемување на даноците и зголемување на акцизите. За жал, платите и пензиите малку повеќе ќе почекаат. После 11 години рамен данок и праведност помеѓу граѓаните, рамниот данок оди во историјата.За  жал, со воведување на дополнителни 8% данок во делот на доходот кој поминува 90.000 денари, СДСМ само уште повеќе ќе ја доуништи и така уништената економија во нашата држава. Со ова покажаа елементарно непознавање и невладеење на бизнис и монетарниот сектор. Со ова покажаа дека воопшто не им се важни граѓаните и економијата, истакна тој.

Арсовски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е децидно против оваа реформа која ќе значи финален удар за економијата и ќе ја стави во стечај Република Македонија.

-СДСМ, Тевдовски, Заев и кој уште да е креатор на оваа мерка, со ова ќе стимулира само даночна евазија, ќе удри по платите на вработените во приватниот сектор и ќе ги принуди компаниите да ги зголемат цените како резултат на зголемените трошоци кои ќе се надоврзат на спиралата. Едноставно ќе ни се случи домино ефект во економијата каде што ќе се зголеми стапката на инфлација, ќе се зголеми сивата економија и нема да се отвораат нови работни места во приватниот сектор. Потврда на ова е и барањето на бизнис заедницата која што во септември упати писмено барање да се одложи зголемувањето на даноците за најмалку 5 години во Република Македонија. Наместо ветувањето за поврат на ДДВ од 15%, СДСМ воведуваат данок 15% данок за граѓаните за камати од депозити, во кој влегуваат трансакциски депозити, штедни депозити и други депозити, како и на каматите од хартии од вредност, ако износот на пресметаната камата на годишно ниво надминува 15.000 денари во противвредност од валутата на депозитот, посочи портпаролот на партијата.

Арсовски потенцираше дека граѓаните ќе плаќаат и данок по стапка од 15 отсто за доходот остварен од индустриска сопственост, доходот од кирии, капитални добивки, добивки од игри на среќа, доходот од осигурување и друг доход.

-СДСМ со ова само ќе ја зголеми сиромаштијата која и онака е на рекордно историско ниво. На СДСМ единствено им е важно да се полнат нивните лични сметки и им е важен единствено личниот интерес, а за маките и проблемите на граѓаните воопшто и не им е гајле. Затоа, што побрзо си замине СДСМ од власт, толку подобро за граѓаните. На крајот, кога СДСМ ќе си замине од власта, Македонија конечно ќе тргне напред, нагласи Арсовски.

Најнови вести