вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Асаф Адеми ја презеде функцијата министер за култура од Алаѓозовски

Асаф Адеми ја презеде функцијата министер за култура од Алаѓозовски

Ќе бидам министер за сите, без разлика на нивната етничка, партиска и верска припадност. Ќе се потрудам да креирам унитарен културен идентитет за сите и да градам мостови на културна соработка меѓу сите заедници и сите граѓани во Република Македонија, изјави Асаф Адеми по преземањето на функцијата министер за култура.

Тој е прв кадар од Движењето Беса кој станува министер во Владата на Зоран Заев и функцијата ја презеде од својот претходник Роберт Алаѓозовски во кабинетот во Министерството за култура.  За медиумите Адеми изјави дека со Алаѓозовски разменил мислења и идеи за тоа како да се подобри културниот живот во Македонија.

– Се согласивме дека сме на вистинскиот пат за евроинтеграција на земјата. Тоа треба позитивно да се одрази и на културниот живот во Македонија и за тоа да се реализира ќе направам максимални напори. Се согласивме и дека културниот живот почнува да се созема по неколкугодишните културни проекти што направија недобри работи во однос на мултикултурниот и мултиетничкиот жвиот во земјава, додаде Адеми.

Тој е градежен инженер, досега бил управен директор на канцеларијата на INSCALE Global во Скопје, а има и дипломатска кариера како поранешен амбасадор во  Данска.

Адеми и Алаѓозовски не одговараа на новинарски прашања сакајќи денешната средба на примопредавање на функцијата да остане протоколарна. Новиот министер вети соработка и отвореност, а на прашањето што ќе го советува својот наследник, Алаѓозовски одговори дека не би му дал совет затоа што од она што досега го разговарале новиот министер, како што рече, е свесен за ситуацијата во културата и и има заложби да работи во интерес за културниот развој и за остварување на културните потреби на граѓаните.

Алаѓозовси нагласи дека културата се наоѓа во реформски процес и од  Адеми очекува политика на континуитет и реализација на донесената Стратегија за културен развој.

– Очекуваме нов колективен договор за вработените во културата. Имаме и готов предлог-концепт за нов закон за културата, така што ова е еден вид штафетно примопредавање. Ние со полна брзина ја предаваме работата и сите наши досегашни резултати и процеси на новиот министер и на новиот кабинет и очекуваме дека со истата брзина работата ќе продолжи понатаму. Целта е граѓаните и културните работници да добијат еден современ систем кој во изминатите 11 години знаеме како беше девастиран, изјави Алаѓозовски.

Тој го раководеше ресорот култура од 1 јуни 2017, односно од составувањето на Владата на Зоран Заев минатата година.  Соопшти дека останува на висока позиција во Владата како национален координатор за култура, културен развој и интерресорска соработка во културата, позиција која, рече, директно му е одговорна на премиерот за работата.

МИА

Најнови вести