четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

„Двојните аршини на Министерството за култура: Спомен-собата за Гоце Делчев повеќе од пет години се крие, а за нестручно подготвената етнолошка поставка одобрило финансиски средства!“

„Двојните аршини на Министерството за култура: Спомен-собата за Гоце Делчев повеќе од пет години се крие, а за нестручно подготвената етнолошка поставка одобрило финансиски средства!“

Министерството за култура има различни аршини за две свои завршени музејски поставки. Првата е спомен-собата за Гоце Делчев, апостолот на македонската револуционерна борба, која повеќе од пет години ја крие во комплексот на црквата Св. Спас во Скопје, а втората е исклучително скромната и нестручно подготвената етнолошка поставка во т.н. Етнографски музеј во село Црнилиште. Втората поставка која јавно и гласно е промовирана како важен проект под наслов „Заштита и ревитализација на културното наследство во Општина Долнени“ (II фаза), со одобрени 280 000 денари, е искористена за испраќање на директна политичка порака од омилениот државен советник за заштита на културното наследство, Афет Јашари, дека: „Министерството за култура ќе го поддржи секој проект што ќе ја потврди и зајакне културата и албанското наследство во македонските населби и општини“, реагират од Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.

Индиферентниот однос на СДС(М) кон културата, посебно кон културата на Македонците, пред два дена ја стави министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска да биде тема за потсмев на социјалните мрежи откако на денот на роденденот, гробот на Апостолот го именуваше како „спомен-куќа“. Индолентноста на СДС(М) кон културните и националните вредности на Македонија, додека слугуваат на нивните коалициони партнери, се отсликува и во изборот на кадри на високи државни, а стручни позиции. „Стручниот кадар“ на Министерството за култура, направи пропусти отворајќи го т.н. Етнографски музеј во село Црнилиште, општина Долнени, без да провери дали таа институција ги исполнува посебните условите за почеток со работа, согласно членот 7 од Законот за музеите.

И како сега да не ѝ се постават неколку прашања на министерката д-р Бисера Костадиновска-Стојчевска?
Дали Етнографскиот музеј во Црнилиште ги има исполнето законските услови за работа? Дали станува збор за приватен музеј кој треба да работи во согласност со членовите 6 и 14 од Законот за музеите или за локална институција? Дали „музејот“ има добиено позитивно мислење од соодветен матичен музеј по однос на членовите 7 и 9 од Законот за музеите? Дали се води музејска евиденција и музејска документација во согласност со членот 20 од Законот за музеите? Доколку сето погоре наведено е исполнето, дали Секторот за управен и инспекциски надзор при Министерството за култура, спровел надзор врз основа на Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на влезната книга, книгата на инвентар, излезна книга, картотеката и другите видови на музејска евиденција?

Министерката за култура нема да одговори на овие прашања, бидејќи не знае да одговори. За жал, одговорите не ги знаат ни „стручните лица“ од нејзиниот кабинет.

Сепак, надежта последна умира. Можеби ќе седнат, ќе прочитаат, ќе научат, па ќе размислат и тогаш – можеби ќе одговорат, велат од оваа комисија на ВМРО-ДПМНЕ.