понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Култура

Целовечерен концерт на ансамблот „Танец“ во Струга

Целовечерен концерт на ансамблот „Танец“ во Струга

Ансамблот „Танец“ вечер ќе одржи концерт во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга во рамките на проектот „Танец низ татковината“.

Целовечерниот концерт на големиот ансамбл на НУ „Танец“ (играорен кор, вокален ансамбл и оркестар), како што соопшти институцијата, се составени од атрактивна играорна и вокално-инструментална програма од разни региони, на кои се создавало македонското музичко-сценско фолклорно творештво. Сите учесници, како што е наведено, на себе носат автентична носија, соодветна на репертоарот кој го изведуваат, а кој покрива различни етнографски региони на Македонија.

– „Танец низ татковината“ е долгогодишен проект на НУ „Танец“ кој претставува циклус концерти во центрите на културата низ земјата. Во последниве неколку години Ансамблот имаше свои успешни претставувања во речиси сите македонски градови, кои имаат сцени за овие концерти – Велес, Прилеп, Куманово, Битола, Охрид, Тетово и Штип, стои во инфомацијата на НУ „Танец“.

Ансамблот „Танец“, кој следната година ќе наврши 75 години од своето постоење, е симбол на македонската култура и уметност и врвен репрезент на нашата духовност. Постојаниот контакт со домашната публика низ целата територија на државата, според соопштението, има клучна улога за опстанокот на македонскиот музичко-сценски фолклор и е од исто толкаво значење како и претставувањето надвор од границите на земјата. Главната цел на овие концерти на „Танец“ е доближување на македонското фолклорно богатство и музичко-сценско творештво до нова публика.

– Затоа, НУ „Танец“ посветува внимание токму на овие концерти пред домашната публика и конципира разновидна програма, составена од кореографски постановки содадени во различни периоди од историјата на ансамблот. Публиката во Центарот за култура во Струга ќе може да ужива во неколку раскошни кореографски постановки во изведба на целиот Ансамбл, како антологиската „Жетварка“, „Водарки“, „Пиринско пролетно цвеќе“, „Радовишки собор“, изворното оро „Копачка“, но и повеќе вокално-инструментални точки изведени од оркестарот, хорот и солистите на „Танец“, соопшти установата.